Најнова анкета: Седум од десет Грци против „Северна Македонија“

Loading...

Речиси седум од десет анкетирани во истражувањето на јавното мислење во Грција објавено денеска се противат на името „Северна Македонија“ за грчкиот сосед.

Анкетата спроведена од агенцијата „Марк“ за весникот „Прототема“ открива дека 68,3 проценти од Грците се спротивставуваат на договорот меѓу Скопје и Атина за надминување на речиси тридеценискиот спор меѓу двете земји.

Попрецизно, 73,2 отсто се против зборот „Македонија“ да биде содржан во новото име, а 68,3 отсто го отфрлаат договорот што го претстави премиерот Алексис Ципрас минатата недела.

Индикативен е и податокот дека 49 отсто од анкетираните што се изјасниле дека гласале за владеачката СИРИЗА исто така се против договорот што треба да биде потпишан утре во грчкиот дел од Преспа.

Според резултатите од истражувањето, опозициската Нова демократија ја зголеми предноста на 14,4 отсто во однос на СИРИЗА, која падна на едноцифрени проценти во северниот дел на Грција, каде што прашањето за името на Македонија се перципира со посебна чувствителност.

Анкетата покажува дека, ако денес би се одржале избори во Грција, 30,6 проценти од анкетираните би гласале за Нова демократија, а речиси двојно помалку или 16,2 отсто за СИРИЗА, 7,5 отсто за центристичко-левичарското Движење за промени, 7,2 отсто екстремно десничарската Златна зора и 6,3 отсто Комунистичка партија на Грција.

Унијата на центристи и помалиот коалициски партнер во Владата, националистичката Независни Грци, не би го помилае долниот праг за влез во Парламентот.