Напаѓач на Гибралтар: Кој вели дека не можеме да ја победиме Македонија?

Двете историски победи едноподруго во Лига на нации ја кренаа самодовербата на фудбалерите на Гибралтар дотаму што напаѓачот Рис Стич најавува игра на три бода и против Македонија во последното коло на 19 ноември во Скопје.

Репрезентацијата на земјата што стана членка на УЕФА во 2018 година прво минатата сабота ја нокаутира Ерменија со 1:0 во Ереван, а во вторникот славеше и дома со 2:1 против Лихтенштајн, и тоа со пресврт, па сега има само три бода помалку од водечката Македонија во четвртата група од сегментот Д.

„Беше ли реално да се очекува дека ќе забележиме две победи едноподруго? Веројатно не. Но, зошто не може да биде реално да се пласираме еден ранг повисоко? Еднаш веќе ја победивме Ерменија, па можеме уште еднаш. Ерменија ја совлада Македонија со 4:0 токму пред нашиот дуел, па кој вели дека не можеме да им излеземе на мегдан и да ги победиме Македонците? Ако го сториме тоа, би било астрономски, не само за нас, туку и за фудбалот во целина. Замислете да се квалификуваме од групата во која се мислеше дека нема да освоиме ниту еден бод“, изјави фудбалерот на англискиот шестолигаш Дарлингтон.

Во првиот меѓусебен дуел на стартот од Лига на нации во Гибралтар славеа „црвено-жолтите“ со 2:0. Три дена пред реваншот на Националната арена „Филип Втори Македонски“ избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе му гостуваат на Лихтенштајн во Вадуц. Четири бода од двете средби ќе им бидат доволни на најдобрите македонски фидбалери за да завршат на првото место во групата, кое не само што во следното издание на ова ново натпреварување води во повисок ранг, туку и во плејофот за единствената виза од Д-лигата за пласман на Европско првенство.

 

SHARE

Оставете Коментар