НАТО сака да ја „проголта“ Македонија без референдум, смета српски политолог

Српскиот политиколог Александар Павиќ очекува НАТО да се обиде да ја инкорпорира Македонија во своите редови без референдум, по примерот со Црна Гора.

„Во случајот со Црна Гора буквално беше измислен државен удар, зад кој, наводно, стоела Русија. Тие тврдења се изнесени без никакви докази и, се разбира, спречено е да се организира референдум во земјата за прием во НАТО, па народот потполно е исфрлен од таа приказна. Истото се обидува да се направи и во Македонија, значи, наспроти мнозинското мислење на Македонците, но и наспроти мнозинското мислење на Грците. Се смета на тоа дека преку ‘послушните’ политичари, прво Ѓукановиќ, а сега Заев и Ципрас, значи преку луѓето што ја контролираат политичката сцена и кои се доведени за одредени цели, ќе се изигра волјата на народот“, вели Павиќ за „Спутник“.

Според него, на Алијансата, очигледно, ѝ се брза да ја прими Македонија.

„Ако Грција не стави вето, тогаш е многу веројатно Македонија на самитот на НАТО во јули да добие покана за членство. Значи, многу зависи од тоа дали Ципрас е подготвен пред референдумот во Македонија или наспроти волјата на својот народ да даде зелено светло за Македонија да се покани во НАТО. Ако се случи, тогаш тоа секако ќе биде уште помалку легитимно отколку што тоа беше случај со Црна Гора и тоа ќе ја покаже слабоста на НАТО. Иако не мора да значи дека Македонија и ќе биде примена, самото добивање повик значи дека ќе имаме многу бурно лето и есен во Македонија“, додава Павиќ.

 

SHARE

Comments are closed.