Навивачите на ПАОК „потсетија“ дека „Македонија е една и таа е тука“

Иако УЕФА строго забранува политички пораки на фудбалските стадиони, навивачите на ПАОК пак го злоупотребија настапот на нивните миленици во квалификациите за Лигата на шампионите за да „потсетат“ дека „Македонија е една и единствена и таа е тука“.

Долг транспарент со таков натпис речиси преку цела трибина на стадионот „Тумба“ во Солун се појави и вечерва на дуелот од третото квалификациско коло со Спартак Москва, како и во претходната рунда против Базел.

ПАОК победи со 3:2, но повеќето известувачи од натпреварот од разни страни на светот акцентот го ставија токму на пораката со која солунските фанови уште еднаш изразија протест против договорот Заев-Ципрас за преименување на соседот на Грција во Северна Македонија.

На социјалните мрежи кружи информација дека навивачите на Олимпијакос, на АЕК и на Арис ја користат постапката на ривалските фанови на ПАОК и пријавуваат во УЕФА.