,,Не може кога не сакаат луѓето” – Порака на академик Ќулафкова преку цитат на Живко Чинго

Во својата беседа за Живко Чинго одржана на 13 август 2018 година во Велгошти, академик Катица Ќулавкова ја објаснува сета катарза низ која што минува македонскиот народ во овој историски миг.

Нејзините зборови и цитати од делата на еден од најголемите македонски раскажувачи Живко Чинго, на величествен начин ја објаснуваат суштината на која почива македонскиот немир.

На 40 дена пред датумот на кој Македонците ќе решаваат за својата никогаш лесна, и никогаш извесна национална судбина.

Внимателното читање на зборовите на академикот може да му даде одговор на секој што има дилема за себе, за Македонија, за војната и мирот, за ЕУ и НАТО и за човечкото постоење и достоинство.

Пишува академик Катица Ќулафкова

Не може да се зборува за Живко Чинго, а да не се спомне неговата Пасквелија, оној прекар што тој му го даде на охридскиот крај, а преку него и на Македонија.

Многумина имаат пишувано за него, малкумина кажуваат зошто токму тој и таков прекар. Ја имал ли на ум, нашиот Живко Чинго, вашиот Чинго, земјата која воскреснува, заедно со народот кој се препородува, кога се одлучил за наслов кој во себе го содржи древниот корен поврзан со Велигден или Воскресение, pashalis, Пасха, Паска, Пасква?

Тој, самиот, симболично полн живот во името Живко, можел ли да заборави на воскресението, на Великиот Ден?

Чинго има создадено книжевно дело составено од романи, драми и раскази. И кога драматизира, тој е раскажувач. И кога романсира, тој е раскажувач. Кога раскажува, драматизирa. Тој тоа го прави на гротескен начин. Онака како што самото воскреснување е гротескно чудо, драматичен пресврт, искушение на стварноста и на нејзините граници!

Во двете книги раскази Пасквелија и Нова Пасквелија од раните 60-ти години (1962 и 1965) година, Чинго ја востоличи гротеската како жанр на Модерната. Покажа дека гротескниот поглед на свет е дораснат и соодветен за прикажување на гротескната стварност на раниот поствоен социјализам и колективизам.

Покажа дека конфликтот меѓу колективизмот и индивидуализмот е драматичен, па и трагичен, кога е предимензиониран и реално искарикиран, како што може да биде преувеличена и искарикирана гротескната проекција на светот.

Тој не бега од стварноста сега-и-тука, од македонската стварност, од локалните собитија, туку само се соочува со нив и ги предочува под превезот на имагинарниот простор, просторот на книжевната миграција, хронотопот на внатрешниот прогон, на моралниот колапс и на традицискиот расцеп, амбиентот на македонската семејна или битова драма. Таа битова драма добива димензии на колективна драма на опстанокот.

Нејзиниот почеток е далеку во минатото, нејзиниот расплет се повторува повеќе пати низ историјата, упорно покажувајќи ја својата и општата законитост.

Токму гротеската, сфатена повеќекратно, како раскажувачка стратегија, како стил, како жанр и како култура, му пружа на Чинго слобода на изразување, онаа слобода која ги доловува последиците од догматичниот и вулгарен прагматизам, онаа слобода која ја разоткрива суштината на личните, семејните и народните трагизми, онаа слобода која не доаѓа спонтано, туку условно, ако се општи со народниот гениј и ако се владеат совршено техниките на книжевниот израз.

Тоа се огледа во неговите раскази „Семејството Огулиновци“, „Најубавиот ден на Зурло“, „Ќерка“, „Одродени“, „Фромовата ќерка“. Во нивниот пасквелиски време- простор се соочуваат – возвишеното со пониженото, идеализираното со деградираното, паролаштвото со благословието.

Во нив се истакнува судирот меѓу социјалистичкиот атеизам и православното христијанство, меѓу политичката коректност и суштинската правда, меѓу дехуманизираниот и хуманиот свет. Во овие извонредни раскази на Чинго, антологиски репрезентативни за македонската книжевност и за македонската, па и тогашната југословенска Модерна, искажан е внатрешниот конфликт меѓу две начела: од една страна, начелото на Непокорот, а од друга, начелото на Покорноста, онаа патријархална, некогаш беспоговорна и безумна покорност која е извор на неповратни грешки, гревови, загуби и трагедии.

Да се потсетиме на неколку примери на покорност и непокорност:

Прво, непокорот на вујкото Фром и на неговата усвоена ќерка Етја, како и непокорот и непопустливоста на народниот зурлаџија и пејач Нело, кој го искажува својот револт спрема властодршците до крајни граници, по цена на семејна преселба и по цена на сопствениот живот.

Второ, покорноста на младата Евдокија Иванова пред ултимативните наредби на нејзиниот татко, кој, пак, е роб на едноумниот и ултимативен режим, сето тоа со цел да обезбеди егзистенцијален минимум. Таткото жртвува цел еден живот и една семејна слога за гол опстанок.

Трето, внатрешниот конфликт меѓу непокорот и покорноста, меѓу моралниот и хуманиот кодекс, прикажан во расказот „Одродени“. Таткото Аргил, за да не пукне брука што ќерка му Агатија останала вонбрачно бремена, си ја жртвува немилосрдно неа, а со неа и семејната среќа и иднина. Тесноградите предрасуди на лажниот морал, усвоени како свои, лични, ги претвораат луѓето во немилосрдни робови, одродени од најблиските, отуѓени од општеството.

Во таков морално-психолошки амбиент, Чинго создава една гротескна слика на борба на човекот со самиот себе. Тој ја доловува прекумерната и опсесивна фиксација на таткото кој девет месеци, откако ја затвора ќерка си во плевна и и’ ја сече косата, ги сече дрвата од градината и ги делка во остри колци. Купишта грамади колци.

Никој, ни самиот тој не знае што ќе му се тие колци, чуму сето тоа, но тој реже, делка, остри, опустошува, сè до оној миг кога ќерка му умира при породувањето, а тој си ја отсекува левата рака, онемен од сопственото безумие.

Трагедијата се одвива пред цел народ, но „никој не отвора уста“, сите гледаат сеир, небаре рамнодушни и незаинтересирани, „стуткани во своите гуњи…“ (Чинго, Пасквелија, Битола, Микена, 2008: 79). Да проговореа и да беа милосрдни, можеби ќе се избегнеше трагедијата. Но не беа. Често, за да бидеме хумани, потребна е храброст, одважност, чист образ.

Така се редат трагедии: поради злоупотреба на идеалите, поради отсуство на слободен и хуман општествен амбиент, поради репресивноста на политичкиот и морален кодекс, поради понизноста на едните и бруталноста на другите…

Репресивниот принцип на политичката коректност, како впрочем и психологијата на гол опстанок и „неопределеност“, и денес е на сила. И денес сме исправени пред речиси трагичниот чин да мораме бираме меѓу две зла, не знаејќи точно кое е помалото, а кое е поголемото зло, но насетувајќи ја историската измама.

И денес сме исправени пред „големата вода“ во којашто се огледуваме, ни живи ни мртви, и денес се наоѓаме пред „ѕидот“ од којшто се удираме и бараме гаранција за тоа што е поразумно, почовечно и поправедно: да бидеме политички коректни и покорни, или (да бидеме) некоректни и непокорни спрема владејачките политики? Да се одродиме дома или да се расееме ширум светот?

Кога се бира меѓу две и повеќе зла, секогаш нужно се одбира некое зло. Кога се одбира зло, жртвите се неизбежни, битно е да се избегне непоправлива колективна трагедија.

Битно е да се сочуваат визијата и волјата за достоинствен опстанок, за општочовечко добро, за одбрана на правдата која денес и овде има свое име, а тоа е македонската правда.

Онаа правда што ја уживаат сите народи со признат идентитет и држава да ја уживаат и Македонците, во склад со меѓународните повелби за неприкосновените и суверени права на самоизразување. Да не се случи да доживееме самоизразување на туѓата волја, да не се случи национален колапс, да не бидеме жртви, покритие и алиби на туѓите интереси!

Ете така, овие августовски дни 2018, пред Макавеите, си допуштив да ги читам расказите на Живко Чинго, зад коишто се крие личноста на Чинго и неговата визија, речиси пророчка, за македонските состојби кои се најдраматични кога самите себеси ќе си ги приредиме и кога ќе ја достигнеме точката на кулминација на внатрешниот раздор.

Народот е синоним за единство и колективна самосвест. Поделениот народ е разнебитен и без иднина.

Нашите писатели, иако не се меѓу живите, воскреснуваат преку нивната визионерска мисла, оти визијата, уважени, произлегува од универзалниот поредок на човештвото, проектиран во законите на историјата.

Опстануваат само народите кои го почитуваат универзалниот поредок, а не локалниот и личниот интерес.

За крај, ќе цитирам еден кус, илустративен дијалог за непокорот и заканите на власта, земен од расказот „Фромовата ќерка“ на Живко Чинго (2008: 115):

„Што, Фроме, рече секретарот на околискиот комитет, што ти, Фроме, предлагаш да го растуриме колективот. Тоа ли сакаш, другар мој добар?

’Нема што тука да се растури, кога уште ништо не сме направиле’, рече вујкото Фром, а сосила не може ништо да се направи. Не може кога не сакаат луѓето. Луѓето не можат да се присилат.“