Нема, па нема европска титула за ракометарките на Вардар

Како и минатата година, ракометарките на Вардар останаа без трофејот во Лигата на шампионите речиси на идентичен начин – по продолженија во финалето со Ѓер во Будимпешта, по кои загубија со 27:26 и европската титула остана во Унгарија.

„Се подготвувавме за овој натпревар цела сезона, но на крајот не успеавме. Горда сум на ракометарките, се бореа и реализираа сè што беше договорено, но на крајот не успеавме. Вечерва немавме среќа. На девојките им поскаувам среќа во иднина. Горда сум на девојките и благодарна што бев тренер на овој тим“, изјави предводникот на македонските шампионки од клупата Ирина Дибирова.

Пивотменката Андреа Чанаџија имаше златна можност да го одведе натпреварот за инфаркт во изведување седмерци, но во последните секунди сама од 6 метри биеше во голманката Ева Киш и сè отиде по ѓаволите.

Европските вицепрвенки беа поблиску до пехарот на ЕХФ, откако Андреа Лекиќ погоди за 20:19 на 21 секунда до крајот на основните 60 минути. Но, ни тоа не беше доволно за „црвено-црните“, бидејќи нивниот џелат Едуарда Аморим врати на 14 секунди до последниот свиреж на судиите, по што вардарки имаа девет секунди по тајм-аутот и – направија чекори.

Токму Бразилката и македонска снаа Аморим, чие второ презиме е Талеска, во продолженијата постигна четири од своите шест погодоци на средбата и го уништи сонот на Вардар за прва европска круна по трите бронзи и среброто од лани.

Вардаровата голманка Амандин Лејно, која во финалето одбрани 17 од 41 удар упатен кон нејзиниот гол беше прогласена за најкорисен играч на завршниот турнир во арената „Ласло Пап“.

„Многу ја сакавме победата, но видовте и самите дека беше навистина тежок натпревар. Се подготвувавме за титулата, сите го посакувавме тоа, но Ѓер е квалитетна екипа, која беше и посреќна, па повторно стигна до трофејот. Нам ни е жал што во последната сезона заедно овој состав не успеа да дојде до трофејот“, изјави низ солзи Лејно.

Андреа Лекиќ со шест гола од осум обиди беше најефикасна во вардаровиот тим.