Неразбрани трговци и мочање од ќерамиди – пишува Горан Момироски

Кога простуваш од позиција на моќ и апсолутна власт без да бараш нешто за возврат за да одиш напред тогаш може да си човек и хуманист.

Кога нудиш прошка а бараш на простеното да ти биде вратено со противуслуга тогаш ти не си човек туку трговец. Во нашиот тажен случај, трговец поединец со поддршка на други фирми и фирмички во човечка форма.

Денешниот пример со нудење амнестија е навредлива трговија со националната историја и иднина, со правдата како универзална човечка вредност и таа не е прифатлива.

Кога простувањето и помирувањето го злоупотребувате за да остварите некои/нечии политички цели а истите не се поддржани од најголем дел од народот тоа не ве прави помирител и голем човек. Таква понуда ве прави мал ситен трговец со туѓи животи, со гордоста и разумот на еден народ.

Мислевме дека од нашата актуелна власт и нејзиниот шеф можеме се да очекуваме. Но откако по интензивна кампања во која се обвинуваше опозицијата дека бара амнестија, премиерот самиот понуди помирување преку амнестија за 27 април, стана јасно дека сепак се уште сме имале превисоки очекувања од него.

Не премиере. Не може така.

Би бил среќен ако се најде најде начин во законска процедура да се прекине оваа фарса во која стана јасно дека Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски и други се користени како стока за еквивалентна политичка размена.

Да запрат нивните маки, траори, лични и семејни ломови кои им се случуваат само затоа што држеле говор на јавно место. Затоа што имале силна емоција за Македонија.

Но длабоко верувам дека ниту еден од нив нема да биде среќен ако нивната сага заврши на политичкото буниште. На кантарот на кој се мери политикантство, суета, страв од пораз, дебакл на партиски политики, поддршка од народ, фобија од народна одмазда.

Оперскиот пејач, актерската легенда, режисерот, архитектот и другите што говореа јавно за тоа каква Македонија сакаат и никого не повредија, не смеат да бидат вака злоупотребени.

Јас не верувам во нивната вина и нема да верувам ни во нивната амнестија затоа што не можете да амнестирате кривично дело што не се случило.

Како што длабоко верувам дека тој што, без разлика на провокациите, употребил насилство во кобната 27 априлска ноќ мора да одговара.

Тие што со цокули го тепале Зијадин Села в глава додека тој лежел во безсознание не смеат да се спасат со политички договор.

Ако дозволиме обични тепачи да ја одредуваат политичката реалност и потоа ги ослободуваме затоа што премиерот ни е во криза ние се согласуваме Македонија да ја снема. И ги повикуваме сите други тепачи утре да клоцаат трудни жени, изнемоштени старци, деца и други ранливи категории луѓе со надеж дека ќе ги спаси некој политичар во неволја.

Одговорноста за оваа ситуација не лежи само во еден човек или во групата што го поддржува.

Одговорни се и сите тие обвинители и судии кои што знаеа дека не може во кошот на тероризмот без никаков доказ да ги ставате и великаните и обичните насилници. Знаејќи или барем сомневајќи се дека тоа се прави со цел во погоден момент да се направи политичка трговија.

Ова “помочување од ќерамиди” на премиерот врз достоинството на правосудните работници со нудењето амнестија без никакви ингеренции треба да им биде поука дека само законот е тој што треба да го регулира човечкото антизаконско поведение. Дека ако се слушаат моќниците без да се применува законот и судската пракса на крајот тие ќе се ем помочани ем виновни исто колку и политичарите што во име на судиите и обвинителите тргуваат со човечките животи.