Американскиот магазин „Нешнел интерест“ прашува зошто пропаднатиот македонски референдум се третира како успешен, заклучувајќи дека притисокот врз Македонија за спроведување на Преспански договор е патерналистички и антидемократски.

„Македонците излегоа на гласачките места на 30 септември за да гласаат на референдум што требаше да ја придвижи нивната земја кон членство во Европска унија и во НАТО. Во изненадувачкиот неуспех за владејачката партија во Македонија и за западните официјални лица, гласаа само 37 проценти од Македонците. Иако тие во огромен број го поддржаа референдумот – со 91 процент – не го достигнаа потребниот цензус за легитимизирање на договорот. Македонците си кажаа, но дали американските и европските лидери ќе ги слушаат“, пишува Џон Дејл Гроувер во написот насловен „Само Македонците може да решат дали сакаат во НАТО“.

„Фактот дека толку многу Македонци решија да останат настрана од олку важно гласање е јасен сигнал дека мнозинството во земјата не е за целосно сојузништво со Западот. Независно од тоа што мисли некој за исходот, резултатите мора да се почитуваат. Но, за жал, тоа може и да не се случи“, продолжува колумната.

„Добрите намери на Западот се недоволни. Размислувањата и преференциите на македонскиот народ се важни. Референдумот немаше доволна излезеност и затоа беше неважечки според сопствените правила. Гласањето ‘за’ од Парламентот сега нема да има легитимитет. Ннародот на Македонија и меѓународниот печат го знаат тоа. Токму затоа, македонските опозициски партии – кои контролираат 49 од 120 места – најверојатно ќе го блокираат договорот.

Вршењето притисок од САД, НАТО и ЕУ врз Македонија во врска со Преспански договор во најдобар случај е патерналистички, а во најлош – антидемократски.

Западните лидери не можат постојано да ги туркаат своите вредности и институции врз други држави и да очекуваат дека сите ќе го прифатат тоа. Правејќи го тоа придонесе за Брекзит, за економски и етнички популизам, за демократски дефицит и за сите видови незадоволство.

Ако Западот верува во демократија и во самоопределување, тогаш треба да му дозволи на Скопје да избере сопствена судбина. Праведното место на Македонија не е со Западот или со Истокот; тоа е таму каде што македонскиот народ сака да биде“, заклучува „Нешнел интерест“.

 

SHARE

Comments are closed.