Нешовски: Неуспешен референдум = оставка на Владата

Зошто драма, зошто тепање и закани по живот? Македонскиот народ го има најефикасното и најсилното средство да се согласи со тоа што е испреговарано или да го отфрли. Тоа е референдумот, смета Валентин Нешовски поранешен шеф на Информативниот центар на Европската Унија во Скопје.

“Мирно, во овие 2-3 месеци треба да го прочитаме договорот, да ги слушнеме сите аргументи – и на оние што се „за“ и на оние што се „против“, да видиме кој е релевантен и квалификуван за темата, а кој не е – и да одлучиме. И тоа да се направи мирно и цивилизирано. Впрочем, ако не пројде договорот, самиот Заев најави вонредни избори– што во хипотетичка ситуација – народот да го отвфрли договорот – е еднакво на оставка на владата. Мислам дека е ферски”, смета Нешовски кој беше близок соработник на вицепремиерката Шеќеринска кога таа беше одговорна за евроинтеграциите а сега работи како меѓународен консултант за комуникации.

“Заев, како и сите други премиери претходно, преговараше, мислел дека имал добар договор и излезе и го кажа договорот. Тоа е во ред. На нас е да одлучиме – информирано, а не потпаднати под пропаганди од секаков вид какви што видовме вчера – дека дури и Северина била на протестот и била повредена.
Договорот е ништо, не важи, нада, нула, компир – ако не помине на референдум. А затоа и треба да се дозволи референдум. За да знаеме на што сме, до каде сме. Тоа ќе биде референтна точка и за во иднина, за сите други влади. Оттаму, народе, размислувај,разговарај, коментирај, пиши цртки во две колони – што добиваме а што губиме, протестирај, ама заборави ги сценаријата за насилен влез во Собранието, прогласување воена сосотојба и принудни управи, не повикувај на убиства, сечење глави, леење крв и слично. Доста војувавме и се мачевме. Ајде да размислуваме, а не да се тепаме. Да одлучиме со заокружување на лист хартија, мирно, трезвено, достоинствено, као господа, бре. Да одлучуваш на референдум за себе и својата држава е можност која сме ја создале ние и нашите претци низ вековите. Тоа треба да се искористи, инаку е џабе. Цел живот ќе се тепаме и ќе ги разочараме и претците”, вели Нешовски апелирајќи проблемите да се решаваат без насилство.

Оставете Коментар