Неуспешен состанок на амбасадорите на ЕУ за Македонија

Loading...

Постојаните претставници на земјите-членки на Европска унија денеска повторно не успеаја да ги усогласат ставовите околу можноста за отворање пристапни преговори со Македонија, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од добро информирани извори.

Денеска во Луксембург се одржува состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ, а пред средбата високата претставничка на Унијата за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини изнесе очекување дека членките ќе донесат „праведна одлука“.

„Кога е постигнат напредок, треба да се препознае, поттикне и проследи“, изјави Могерини, нагласувајќи дека ЕУ треба да го поддржи историскиот договор меѓу Македонија и Грција.

Утрово во Луксембург, на маргините на министерскиот состанок, се одржа средба на амбасадорите на ЕУ заради постигнување консензус меѓу членките околу Македонија, а сличен состанок е најавен и за вечерва.

Според изворите на РСЕ, мали се шансите за да се пробие блокадата настаната поради тврдиот став на Франција, која одбива да одобри отворање преговори со Скопје.

Последен обид за усогласување на ставовите на утрешниот состанок на Совет на ЕУ за општи работи, кој исто така се одржува во Луксембург, за потоа можната одлука да добие само политички печат на самитот на Европски совет в четврток и в петок.

Европски извори за РСЕ велат дека се прави сè за да се избегне дебата на самиот самит, бидејќи на дневен ред се наоѓаат „повеќе жешки теми“, па нерешениот став за Македонија само би ја отежнал атмосферата на веќе оптоварениот самит.