New Europe: Преговорите за името „клекнати“, нема решение до јули

Највлијателниот весник за теми од Европската Унија кој се печати во Брисел тврди дека грчките внатрешни проблеми го ставаат во втор план прашањето за името.

Иако контактите продолжија во Виена и Софија,дипломатскиот напредок е клекнат поради индикациите дека некои од инволвираните страни сега сметаат дека обидот за решение пред самитот на НАТО во јули не може да се спроведе, тврди весникот.

Според Алек Мали, директор за глобални економски прашања, Атина се соочува со две жешки теми кои јасно ја дефокусираа јавноста од прашањето за името. Спорот со Турција за егејското островче Имиа и истражувањата на гас и нафта во близина на Кипар се важни прашања за кои грчката јавност е позаинтересирана. Истото е случај и со скандалот Новартис во кој се инволвирани членови на опозицијата.

За Нова европа е чудно што по средбата во Виена беше соопштено само дека средбите ќе продолжат а притоа се забележува дека во исто време премиерот Заев бил во официјална посета на Турција.

Весникот пренесува информации од Скопје според кои премиерот Заев од „пријателските“ медиуми побарал да го намалат интензитетот на известувањето за прашањето за името најмалку до септември.

Ова во Скопје се интерпретира како индикација дека преговорите ќе забават што е спротивно на тоа што го говори медијаторот НИмиц кој што изјави дека „Сега е време за договор“.

Влијателниот бриселски неделник пишува и за одлуката за промена на имињата на аеродромот и автопатот Александар Велики и за верувањето на премиерот Заев дека 3 од 7 важни прашања се решени за време на средбата во Виена и дека е време да се решат и останатите отворени прашања со Грција.