Незадоволство во ДУИ за „Граѓани на Северна Република Македонија“

Високи членови на Демократската Унија за интеграција се незадоволни од решението во договорот со Грција со кое се предвидува во графата за националност да стои Македонско/ Граѓани на Република Северна Македонија, брифираат за expres.mk извори во партијата.

Партиски структури сметаат дека во договорот морало да стои јасно зборот Албанска и како трета опција граѓани на РСМ но откако биле направени партиски консултации и биле добиени подетални информации од партиското раководство за позициите на „надворешни пријатели на партијата“ незадоволството било потиснато без да се направи јавна дебата околу ова прашање.

Освен за националноста во ДУИ има незадоволни и од решението во договорот со кое се предвидува „официјалниот јазик на РСМ да биде Македонски“ а не и Албански како што е предвидено со законот за јазици.

На партиските членови им е јасно дека се работи за договор кој ќе донесе поголеми бенефиции за Албанците со членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ но сепак тие инсистираат дополнително на внатрешно ниво во земјата да се разговара со СДСМ и да се најде решение за овие два проблеми.

Дел од планот е по промената на претседателот на државата идниот мај кога заминува Иванов, во сила да влезе законот за јазиците а што се однесува на националноста ДУИ ќе се обиде за време на промената на уставот за потребите на Договорот со Грција во него да вметнат јасни и прецизни членови и ставови со кои Албанците јасно ќе се одвојат од останатите мали етнички заедници.

Според истите извори сите незадоволни се подготвени да молчат до идниот мај кога според нив сосема извесно во претседателската резиденција ќе дојде Албанец или Македонец кој што ќе ја сфати политичката реалност во земјата и ќе се потпише на законот за јазици и нема да прави никаков проблем околу целосно остварување на проблемите на Албанците и останатите малцински заедници.

Калкулациите на ДУИ се дека заедно со гласовите на СДСМ и сите албански партии, кандидат за претседател избран со консензус лесно ќе добие над 550 илјади гласови со што ќе биде поразен било кој кандидат на опозицијата.

SHARE