Глобалното движење „Ние сме Македонија“ со пригодно видео ги потсетува политичките фактори во татковината, како и Македонците каде и да се, дека борбата за одбрана на името на државата, на идентитетот и на јазикот е сè уште активна.

Во пресрет на најавената средба на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините од самитот „Европска унија – Западен Балкан“ на 17 мај во Софија од Движењето порачуваат дека се против промена на уставното име Република Македонија, сметајќи дека таа би имала штетни последици и врз идентитетот и јазикот на македонскиот народ.

Видеото претставува пресек на 40 протести во Македонија и во дијаспората од февруари наваму, на кои над 150.000 Македонци и пријатели на Македонија јасно и гласно ѝ упатија порака на сегашната власт дека никој не ја овластил да преговара за најсветото.

„Преку 150.000 Македонци и пријатели на Македонија се обединија глобално за една кауза – Македонија. Преку макотрпната работа на илјадници патриоти, со љубовта кон татковината, заедно, обединети под транспарентот #НиеСмеМакедонија, народот се крена да каже СТОП за сите преговори веднаш!

Ниту една друга држава во 21. век не е принудена да преговара за своето име, идентитет, јазик и државност за да задоволи некој друг. Името на Македонија е наша работа!“, стои во прогласот на Движењето, кое им се заблагодарува на сите што зедоа учество во семакедонските собири во Македонија, како и во Торонто, Едмонтон и Калгари во Канада, Детроит, Чикаго, Вашингтон, Њујорк и Лос Анџелес во САД, Мелбурн, Сиднеј, Перт, Бризбејн и Аделејд во Австралија, Оукленд во Нов Зеланд, како и во Израел, Малта, Хрватска, Словенија, Италија, Шведска, Данска, Германија, Франција, Велика Британија, Швајцарија, Чешка, Австрија и Норвешка.

„Им благодариме на сите што помогнаа да се рашират информациите преку интернет на социјалните мрежи, преку своите пријатели, роднини и соседи. Секој поединец ја разбира обврската кон татковината и борбата за нашите права ќе продолжи. #ДостаБеше #НиеСмеМакедонија #ЗаедноМожеме“, порачуваат од „Ние сме Македонија“.

 

SHARE

Comments are closed.