Никола Ѓорѓиев е убедливо најдобриот поентер во досегашните четири кола од квалификациите за Европското првенство во одбојка и најзаслужен што Македонија се врати во игра за историски пласман на големо натпреварување во овој спорт.

Заедно со 33. поени на вчерашното гостување во Швајцарија, каде што „црвено-жолтите“ славеа со 3:2 (25-21, 25-19, 16-25, 23-25, 15-12), македонскиот капитен стигна до бројката 173. Далеку зад него се Паул Бухегер од Австрија со 91, Камил Рихлицки од Луксембург со 84, колегата од македонската репрезентација Александар Љафтов со 83 итн.

Ѓорѓиев е без конкуренција и според просекот од 6,92 поени по сет, каде што Австриецот Бухегер исто така е втор со 6,07, трет е Маркус Нилсон од Шведска со 5,75 итн.

„Ицрпени сме, но среќни. Ова беше трет натпревар во кој водевме со 2:0 и пак моравме да играме петти сет. Меѓутоа, игравме со срце. Мислам дека мораме да поработиме на психички план за да спречиме губење мечеви туку-така. Сепак, оваа група Ф е многу силна. Нашите навивачи создадоа извонредна атмосфера овде во Шененверд. Се чувствувавме како да играме на домашен терен. Тие ни дадоа ‘оган’ за да го освоиме петтиот сет. Секогаш пропуштавме големо натпреварување како Европско првенство само поради еден поен или помалку. Сега конечно сакаме да стигнеме до елитен европски настан“, изјави одбојкарот на Токио по синоќешната победа.

Реванширајќи им се на Швајцарците за идентичниот пораз по сетови од пред неколку дена во Скопје, македонските одбојкари се вратија на второто место во групата Ф со шест бода, пет помалку од Украина, два повеќе од Швајцарија, а Унгарија има три.

Уште поважно, Македонија повторно е меѓу петте најдобри второпласирани селекции од седумте групи две кола пред крајот на квалификациите, кои продолжуваат во првите денови од јануари. Тогаш избраниците на селекторот Матијашевиќ прво на 5/6 јануари му гостуваат на лидерот Украина, а на 9 јануари ќе ја пречекаат Унгарија.

ЕП 2019 ќе се одржи во Франција, Словенија, Белгија и Холандија.

 

SHARE

Comments are closed.