Ништо од старт на преговори со ЕУ годинава, евентуално напролет!

Новинската агенција Макфакс од свои извори во Брисел дошла до „нон пејпер“ што циркулира меѓу земји-членки што се противат за почеток на преговори на Европска унија со Македонија и со Албанија годинава, и покрај позитивната препорака од Европска комисија од 17 април.

Наместо во јуни годинава, датум што го потенцира еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во документот се наведува дека старт на преговори можеби би имало дури напролет следната година.

„За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е ‘тукушто започната’ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитизација на јавната администрација (‘заробена држава’). Борбата против корупцијата и организираниот криминал сè уште нема дадено задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционална рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, а капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, стои во делот за Македонија.

„Пред следните европски избори потребно е да размислиме за стратешка агенда за новиот период што ќе почне од пролетта 2019 година и да стане појасно што 27. земји-членки сакаат за новата ЕУ. Во овој контекст, сметаме дека условите за отворање на пристапните преговори со Албанија и со ПЈРМ не се исполнети. Ја потврдуваме нашата посветеност за европската перспектива на овие две земји и на целиот Западен Балкан и даваме силна поддршка за значително зголемена посветеност на ЕУ во овој регион. Тука треба да ги насочиме нашите напори, со цел да им помогнеме на овие земји вистински да бидат подготвени кога сите услови ќе бидат исполнети“, се додава во документот што циркулира во седиштето на Унијата.

Првиот сигнал за негативна одлука на Европски совет го даде францускиот претседател Емануел Макрон со неодамнешната изјава дека ЕУ прво треба да се консолидира, па потоа да прима нови членки. По него со слични ставови излезе и данскиот премиер Ларс Расмусен, а ладен однос кон проширувањето во моментов има и Холандија.