Ниту еден „сваровски судија“ нема да биде кривично гонет

Ниту еден од „сваровски судиите“, за кои со години слушавме дека со својата сервилност биле еден од главните столбови врз кои се потпирал „режимот на Груевски“ нема да се соочи со кривична одговорност, туку само со морална, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева во интервју за ТВ АлсатМ.

Преку „бомбите“ и СМС пораките СЈО утврдило дека судиите Јово Вангеловски, Светлана Костова, Софија Лаличиќ и поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска, покажале дека тие биле на „жешка линија“ со високи преставници на претходната власт, но СЈО немало основ за кривично да ги гони.

Претходно, во посебниот извештај наменет за четворицата судии, кој го објави пред десет дена, СЈО наведе дека судиите интервенирале во судски одлуки по налог на ВМРО. Во документот СЈО наведе дека тогашниот претседател на Судскиот совет, премиерот, министрите за правда и внатрешни работи како и директорот на тајната полиција Мијалков, одлучувале кој судија да биде избран, а кој разрешен. Оделе до таму што по партиски список ги вработувале и стручните соработници, но интервенирале и преку судии во постапките.

„Сметам дека во самите разговори има повеќе нарушување на моралниот кредибилитет на судиите, а дека кривично правна одговорност нема и во тој дел не прибавуваме ние посебни докази, зошто сметавме дека роковите за тоа се поминати. Тие треба да понесат морална одговорност, но тоа го оставаме ним “, вели Јанева.

Реформите во судството, а особено справувањето со корумпираните судии, е најбитен од четирите реформски зафати кои Макдонија мора да ги спроведе за да добие покана за преговори со ЕУ и членство во НАТО. Однесувањето на судите беше и една од главните забелешки во извештајот за состојбите во нашиот судски систем на комисијата од европски правни експерти, предводена од Рајнхард Прибе.

SHARE