Нов „бисер“ од бугарски кум: „Коминтерновска Македонија“!

Лицитацијата со имиња за западниот сосед стана многу популарно во Бугарија, па со свое мислење се јави и кардиолог (?), кому „Илинденска Македонија“ му звучело како „Априлска Бугарија“ според тоа востание, па предлага „Коминтерновска Македонија“!

„Ние сме им го признале уставното име, но без придавка. Тоа што Грците инсистираат на придавка е друго прашање. Поточно, тие за да се извлечат од притисокот на Грците воопшто да го нема зборот, во случајов суштествената ‘Македонија’, се прават тие смешни нешта. Ние од една страна правилно рековме дека не треба да има географска придавка за да нема еден ден пак некакви претензии за Пиринска Македонија. ‘Горна Македонија’, која ја предлагаа до неодамна, си е многу добро. Најточното име е ‘Коминтерновска Македонија’“, изјави професорот Младен Григоров за агенцијата „Фокус“.

Претседателот на фондацијата „Паметници (споменици – н.з.) на бугарската слава“ објаснува и зошто според него е несоодветен предлогот за Илинденска Македонија.

„Востанието не е Илинденско, туку Илинденско-преродбенско. Организацијата до крајот на Втората светска војна, која го води востанието, не се вика ВМРО, туку ВМОРО (Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација). Гоце Делчев, легендата на целата организација, неколку пати оди во Мало Трново во Странџанскиот крај. Тоа е од гледна точка на историските факти, кои се неспорни. Освен тоа, самите граѓани на сегашна Република Македонија на тој начин си го изразуваат тоа минато за кое само до пред два-три месеца непрекинато им го набиваа во главите на сите, имено, дека биле антички Македонци. Наеднаш исчезнаа античките Македонци и тврдењата дека царот Самуил бил македонски цар, иако царувал 1.000 години пред Илинденското востание. Така што, да крштеваш една држава според еден настан, колку и да е голем тој, според мене, најрезервирано кажано, е нелогично, да не кажам смешно. Може ли Франција да се крсти Република на Француската револуција или ние да се крстиме Априлска Република Бугарија во смисла дека сме потомци на учесниците во Априлското востание? Од таквата гледна точка и од наша, а ние всушност сме еден народ, навистина е смешно“, вели Григоров.