Нови закани од владата во Софија, во ЕУ преку анекс на договорот

Две партии членки на бугарската владина коалиција предводена од Бојко Борисов, ВМРО -БНД и АТАКА бараат анекс на договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија.

Ултра десничарските партии на Красимир Каракачанов (вицепремиер и министер за одбрана) и на Волен Сидеров се согласуваат со идејата на левичарскиот претседател Румен Радев и бараат анекс на договорот со Македонија со цел земјава да запре со присвојување и погрешно претатавување на бугарската историја.

Според Сидеров кој веќе го подготвил нацрт анексот, договорот дозволува промени во кои Македонија ќе се обврзе дека ќе запре со шпекулации и кражба на историски настани и личности, од првото бугарско царство на царот Крум преку Владислав и сите што се бореле за национално ослободување.

“Накратко сакаме едно описно и точно барање до македонските власти да запрат со невнимателни акции кои ја вознемируваат нашата историја и кауза”.

Од ВМРО-БНД на Каракачанов велат дека се свесни за комплицираната состојба во која се наоѓа Заев пред референдумот но тие сепак го потсетуваат дека финалната одлука за влез во ЕУ ќе ја има Бугарија.

“Нашите претци никогаш не правеле разлика меѓу Македонци и Бугари. Тоа се два збора за иста работа”, велат во оваа партија од каде што сметаат дека Македонија станала озлогласена по своите бизарни и неточни историски барања за бугарската историја.

Според најголемиот број Бугари нивната земја и населението во Македонија се етнички, културно и историски припадници на бугарската нација, тврдат двете партии, коалициони партнери на премиерот Бојко Борисов.

Двете партии важат за евроскептици а антисемитистите на АТАКА на Сидеров важат за проруски настроени.