Обвинител од кнежеството Монако ќе истражува македонски криминал

Македонското јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од оформувањето на предметот во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, презема низа активности за расветлување на случајот, соопштија од Обвинителството.

„Во рамките на постапката, надлежниот јавен обвинител во изминатиот период, дојде до сознанија дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е отуѓено, а финансиски средства во значителен износ се префрлени на сметки во Монако. Преку меѓународна правна помош доставено е барање до Кнежевството Монако за запирање на извршување на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на правното лице во износ од 11 милиони евра”, се вели во соопштението.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека од страна на Кнежевството Монако е доставено барање за вклучување на нивен обвинител во истрагата, на што обвинителството позитивно одговорило и го одобрило барањето.

Шведската фирма „Диаверум“, која работи со бубрежно болни лица, пред дваесетина дена соопшти дека ја купила фирмата „Диамед Македонија” која во земјава работи со девет центри за дијализа и има концесија до 2030 година.

SHARE

Оставете Коментар