Од октомври и во Македонија нови ознаки за горивата по директива на ЕУ

Наесен и на бензинските станици во Македонија треба да почне спроведувањето на регулативата на Европска унија за новите ознаки на горивата, заради спречување точење погрешно гориво во иднина.

Според новата регулатива, бензинските пумпи и капакот за резервоарот на новопроизведените возила мора да бидат опремени со соодветни симболи за гориво, за да се олесни точењето во странство.

Секое од трите вида гориво ќе биде означено со симбол со одредена геометриска форма: круг за бензин, квадрат за дизел и ромб за течен автогас. Внатре во симболот, пак, мора да стои името на конкретниот вид гориво, на пример, „Е5“ за стандардниот „супер“ или ЦНГ за течен природен гас. Ако симболот на пумпата е идентичен со тој на возилото, возачот ќе може безбедно да наточи и сам.

Прописот се однесува на сите 28 земји-членки на ЕУ, потоа на земјите од ЕФТА (Исланд, Швајцарија, Лихтенштајн и Норвешка), како и на Македонија, Србија и Турција.

Досега јазичната разноликост создаваше проблеми при дополнувањето нма резервоарот на возилата во странство. Во Франција, на пример, бензинот се нарекува „Benzine“, но и „Essence“. Дизелот се нарекува „Gasoil“ или „Gazole“, но во Чешка, Словачка и Словенија „Nafta“.

Посебно збунувачки се имињата за горивата во Португалија и во Шпанија, каде што бензинот е „Gasolina“, а дизелот во многу места „Gasoleo“.