Одбивањето на Иванов нема да го спречи договорот за името!?

За владата одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името, е очекувана, но тоа нема да влијае на имплементацијата на договорот.

„Што се однесува до одлуката на Иванов истата беше очекувана, но таа не влијае на чекорите односно имплементацијата на фазите од договорот. Владата на Република Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО“ изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски за МИА.

Од Владата сметаат дека волјата на граѓаните изразена на референдум е обврзувачка за сите политички субјекти без разлика која форма ќе биде изјаснувањето на граѓаните.

Претседателот својата одлука ја испрати и до Собранието, а спикерот на парламентот Талат Џафери нема да чека да изминат 30 дена за повторно гласање на законот за ратификација на договорот, туку најдоцна до другата недела ќе ја закаже седницата.