Одбрана и последни денови на името – Пишува Горан Момироски

Откако стана јасно дека за Македонија не важи меѓународното право, дека меѓународната заедница го суспендира Судот на правдата во Хаг и неговата пресуда во корист на Македонија, откако стана јасно дека владата е уценета дека ќе се распадне а потоа истото и се заканува и на земјата која што ја претставува, ни останува само да ги кажеме работите кои што се реална опасност пред да биде предоцна.

Дали советите од јавноста ќе бидат прочитани и сфатени сериозно од тие што одлучуваат е нивна одлука, ние сме должни да предупредиме а историската одговорност ќе ја имаат тие што во моментов преговараат и тие што утре ќе стават параф на некаков договор што очигледно е во завршна фаза.

Дали во историјата ќе влезат како Коте од Руља, Петре Лигушо или како Гоце, Даме, генералот Апостолски, зависи од нив, од нивната совест и свест и секако од нивниот разум.

По Виена јасно е дека преговорите влегоа во нова фаза во која никој нема право на грешки, особено не македонската страна која веќе направи премногу. Пораката на грчкиот премиер Ципрас кој пред 5 дена повтори дека „Македонија е таа што мора да најде решение“ говори дека Грција уште еднаш по којзнае кој пат ќе се обиде да го искористи овој цајтнот и лоша позиција во која влеговме сами.

А состојбата на македонската сцена и дава за право на Атина да притиска се посилно.

Соочен со уцените и заканите од ДУИ дека ќе ја напушти владата, редицата скандали кои секојдневно ги прават луѓе како Каевски од АСМ, целосната блокада на реформите и катастрофалните резултати во економијата и јавните финансии, премиерот Заев е ставен пред свршен чин.

Или ќе се согласи на понижувачкиот предлог на Атина и ќе се бори барем пред тие што слепо му веруваат дека тој е прифатлив, или наскоро ќе мора да прогласи дебакл на преговорите и логично нови избори.

Првата следна грешка во која што можеме да влеземе а од која нема лесно излегување е да започнеме дебата на тема членот 49 од уставот на РМ. Прашањето за овој член од уставот не е случајно објавено во Грција туку по налог на владата во Атина е промовирано во медиумите.

Во него се регулира односот на македонската држава кој своите сонародници во странство, вклучително и во соседните земји. Планот на Грција е јасен, да ја натера Македонија да се согласи со реципроцитет кој ќе се гради врз основа на грчкиот устав кој го уредува ова прашање.

Во македонскиот устав ова прашање е уредено на овој начин:

Член 49
Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ
во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој
и ги унапредува врските со нив.
Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на
Републиката во странство.

За Грција е логично да побара Македонија да се откаже од своето малцинство во Грција затоа што во оваа земја постои навиден страв од „повампирување на македонскиот сецесионизам и сепаратизам“, како што тоа често пати се толкува во тамошните политички и академски кругови.

Притоа Грција воопшто не сака да слушне за меѓународните стандарди и документи кои што многу јасно и прецизно на секоја држава и го даваат правото на грижа за малцинствата како што тоа на пример го регулира Рамковната конвенција за националните малцинства на Советот на Европа.

Но овде иако навидум проблем е малцинството замката е многу поголема. Со прифаќањето на грчкиот начин на решавање на ова прашање Македонија не само што се откажува од македонската заедница во Грција туку си го кине еден од малкуте столбови на кои почива македонската нација.

Во грчкиот устав кој го решава прашањето за Грците во дијаспората во членот 108 оваа тема е поставена сосема поинаку од македонскиот член 49.

Член 108 од уставот на Грција

Државата мора да се грижи за грчките емигранти и за одржување на нивните врски со татковината. Државата ќе го помага образованието, социјалниот и професионалниот напредок на Грците кои што работат надвор од државата.

За разлика од Грција која што зборува за грчките мигранти и не ги споменува своите малцинства во Турција и Албанија затоа што во Македонија и Бугарија нема такво, Македонија директно ги споменува своите сонародници во соседните земји.

Исто како што тоа го прави и Бугарија во ставот 5 од членот 25 од својот устав во кој се вели:
Секој државјанин на Бугарија во странство ќе му биде дадена заштита од страна на Република Бугарија.

Разликата меѓу Македонија и овие два соседа е голема. Прво Македонија веже се откажа од заштита на своето малцинство во Бугарија со договорот за пријателство и второ без свое малцинство кое што го именува како Македонско, Македонија губи значаен капитал во обидот да го зачува својот идентитет.
Особено во ситуација која Албанија призна бугарско малцинство во албанските и косовските региони каде што е признато македонското малцинство и во ситуација и во сситуација кога под притисок од Атина официјална Тирана многу лесно може своето македонско малцинство да го признае како Горномакедонско, ако од тоа зависи влезот во ЕУ. И уште едно навидум неважен аргумент. Ниту Грција, ниту Бугарија ниту пак Албанија деновиве или било кога во последниве стотиннан години имале проблем да го докажуваат својот национален идентитет. Тоа како „ексклузивно право“ го имаат само Македонците, сигурно не по своја вина.

Со менување на својот устав, со прифаќање на гркиот предлог кој е веќе готов и со укинување на членот 49 од уставот Република Македонија може да остане без никаков пишан, формален траг дека овде некогаш постоело македонска нација.

Тие што велат дека за идентитет не се преговара затоа што тоа е нешто што го носиш во себе, мораат да знаат дека без формално негово признавање од релеванти државни, меѓународни или европски канони македонскиот идентитет ќе се врати на ниво од почетокот на 20 век кога постоеа Македонци, постоеше македонски идентитет и тој беше дел од македонскиот народ но не беше запишан во ниту еден документ во меѓународни организации и институции. Токму поради тоа ние сега се мачиме као никој друг во регионот и во светот.

Менувањето на членот 49 од уставот е замка од која Македонија нема да се опорави затоа што со негово редефинирање, самите ја кинеме гранката на која седиме. За тоа нема да ни простат ни историјата ни идните генерации. За реалната опасност под грчка принуда да го изгубиме правото на македонски идентитет во ЕУ и ОН, и другите меѓународни организации не треба воопшто да се говори ако самите решиме дека наместо Македонци се согласуваме да ни се обраќаат како горномакедонци или северномакедонци.