Официјална Софија лобира владици на БПЦ да дојдат во Охрид

Loading...

Во тек се интензивни дипломатски и политички напори претставници на Бугарската Православна Црква да бидат дел од прославата на јубилејот еден милениум од основањето на Охридската Архиепископија во Охрид на 27 и 28 мај.

Како што дознава expres.mk од дипломатски избвори откако Светиот синод на БПЦ во два наврати изгласал одлука ниту еден од бугарските епископи да не ја претставува соседската црква во Охрид, бугарската влада прави напори да ги убеди дел од владиците сепак да се појават на јубилејот.

Според сознанијата на expres.mk одлуката за неодење во Охрид која е донесена со надгласување може да биде поправена само со неофицијален личен гест на еден од владиците кои што гласале за заминување во Македонија.

Од вкупно 13 члена на Синодот на БПЦ 8 од владиците се луѓе под силно влијание на Руската православна црква која во моментов поради состојбите во Украинската црква не сака да се отвара прашањето за афтокефалност на МПЦ – ОА. Според бугарски извори висок претставник на руската држава пред десетина дена бил во Софија по што на гласањето во отсуство на Патријархот Неофит кој е во болница била донесена одлуката за МПЦ.

Бугарската влада заедно со видни претставници на невладиниот сектор близок до црквата сега се обидува да убеди некој од петте владици позитивно настроени кон признавање на МПЦ – ОА да дојде во Охрид.

Планот кој го поддржува и премиерот Бојко Борисов и претседателот Румен Радев е некој од владиците да дојде во Охрид на лична покана и формално да не ја претставува БПЦ.

За време на посетата на бугарскиот претседател Радев на Македонија кога тој го посети Бигорскиот Манастир со него дојдоа и двајца бугарски владици Николај Пловдивски и Кипријан Старозагорски кои ја загубија битката за поддршка на МПЦ против нивните колеги кои се под силно влијание на Руската Православна Црква.