Оган скапо враќањето со авион одбиени азиланти во Македонија

Loading...

Покрај проблемите со одбиените баратели на азил, од кои одвај секој втор успева да го врати во земјата на потекло, европската гранична агенција Фронтекс се соочува и со енормни трошоци за авионскиот превоз.

Германскиот весник „Бергедорфер цајтунг“ го наведува случајот од 16 март 2017 година, кога дански авиопревозник за летот од Франкфурт до Скопје наплатил дури 104.734 евра само за 43 неусдени азиланти од Македонија.

Трошоците се зголемуваат во зависност од очекувањата за отпор, па, за илустрација, за чартерот од Хановер за Пакистан од 7 ноември 2017 година биле ангажирани дури 20 федерални полицајци за депортацијата само на пет лица.

За неодамнешниот лет од Берлин до Кабул 15 протерани Авганистанци биле придружувани дури од 43 полицајци и еден лекар.

Од јануари до март годинава, според податоците на Сојузната полиција на Германија, биле вратени 5548 одбиени баратели на азил, но дури 4752 депортации биле однапред откажани поради исчезнување на лицата што требало да се протераат, нивна болест, бранење на суд или отпор. Во 75 случаи нивното одбивање да бидат депортирани било толку упорно и насилно што капетаните на летовите во последен момент одбиле да ги примат на авионот врз основа на нивното дискрециско право за таква одлука во однос на потенцијално опасни патници.