ОМД: Наместо промена на името, на Македонија ѝ треба структурно рестартирање

Loading...

Обединета македонска дијаспора (ОМД) пред самитот „Европска унија – Западен Балкан“ што ќе почне утре во Софија апелира до владините субјекти да се воздржат од преговорите за промена на името, Уставот, суверенитетот и идентитетот на Република Македонија.

„ОМД, како најголема организација на македонската дијаспора, верува дека никој нема право да преговара за името, идентитетот и Уставот на Републиката, за кои на 8 септември 1991 година, со убедливо мнозинство од 95 проценти, народот одлучил за тоа како ќе се именува, уредува и идентификува државата, во нејзината внатрешна и надворешна политика. Според ОМД, промена на името, Уставот и идентитетот на Македонија е казниво дело, за кое ОМД се залага да ги информира сите субјекти од Советот за безбедност на Обединетите нации и организациите за човекови права, за да се докаже нелегитимноста на чинот и на неговите чинители“, се вели во соопштението на ОМД.

„Наместо политика на понизност со цел да му се удоволи на бескрупулозните барања на јужниот сосед, ОМД апелира да се задржи достоинството на Македонија преку прекин на преговорите и посветено работење на нејзините демократски капацитети, економија и конкурентност. Наместо промена на името на државата, ОМД верува дека на Македонија ѝ е потребно структурално рестартирање, со цел да се постават здрави основи за соодветно работење на административниот, правниот, корпоративниот, финансискиот и граѓанскиот сектор. Во тој правец, ОМД ги поддржува политичките субјекти да ја искористат можноста за соработка со земјите-членки на Европска унија и регионот преку Берлинскиот процес и претстојниот Самит за Западен Балкан во Софија, Република Бугарија“, порача најголемата иселеничка организација на Македонците во светот.