Опозицијата го искара Ципрас за „големата победа“ за името

Грчкиот премиер се најде под жесток „оган“ од опозицијата, поради изјавата дека договорот со Скопје за името предвидувал одредница пред терминот “Македонија” и дека тоа ќе биде „голема победа“ за грчката страна.

„Премиерот кој мизерно не успеа да се справи со преговорите што ги спроведе за Грција, имаше нерви да тврди дека владата се обидува да го врати и да не го даде името на Скопје“, се вели во реакцијата на Неа демократија на зборовите на Алексис Ципрас кој за време на посетата на Солун вчера го опиша договорот за Скопје како „голема победа“ на грчката страна, бидејќи „добиваме идентификација пред името ’Македонија’“.

„Тој очигледно смета дека неприфатливото име ‘Република Илинден Македонија’ е победа за земјата”, се вели во соопштението на конзервативната опозиција, за предлогот што беше изнесен за време на разговорите минатата недела меѓу Ципрас и Зоран Заев во Софија и кој беше отфрлен  сите главни грчки опозициски партии.

На крајот на премиерот од Неа демократија му порачуваат: „Единственото нешто што ќе го добие Ципрас е одговорот што тој го заслужува на изборите“.