Општините во северна Грција бараат референдум за Преспански договор

Локалните власти од општините во северниот дел на Грција инсистираат грчките граѓани да гласаат на референдум за името на Македонија како нивниот северен сосед наесен.

Регионалниот совет на општините од Централна Македонија, која е втор најголем административен регион на грција по Атика, објаснува дека целта е „да им се овозможи на граѓаните законското право да го одобрат или да го отфрлат името Северна Македонија“, договорено од владите во Атина и во Скопје.

На состанокот на Советот во Солун е донесена одлука со која присутните 258 претставници на локалната самоуправа, 15 митрополити и 90 претставници на грчки институции бараат од Владата да спроведе референдум.

За нив, договорот потпишан во Нивици, крај грчкиот дел од Преспанско Езеро, е „многу сериозен дипломатски и национален пораз“, за кој граѓаните треба да го кажат својот збор.