Орбан на тапет кај Грците за поддршката за македонската опозиција

Loading...

Унгарскиот премиер Виктор Орбан стана цел на критики во грчката јавност за видео-пораката со поддршка за саботниот протестен собир на македонската опозиција, посебно за фалењето на нејзиното одбивање да потклекне „под притисокот на странски сили“ во однос на прашањето за разликата за името со Грција.

Во својата видео-порака Орбан, чија партија Фидес е член на Европска народна партија (ЕПП), ги поздрави „мудрите и храбри лидери на партијата (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.), кои нема да се наведнуваат под притисок на странски сили“.

Потпретседателот на Европски парламент, Гркот Димитрис Пападимулис, забележува дека Орбан е „тажен исклучок“ во однос на „речиси сите политички лидери од Европска унија“ и на „огромното мнозинство во Европски парламент“, кои ги поддржуваат напорите на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да најдат решение за речиси тридеценискиот проблем меѓу двете земји.

„Орбан уште еднаш ја поткопува промоцијата на решенија кои им служат на Грција, на Скопје и на стабилизацијата на балканскиот регион, како и на самата европска перспектива. Очекувам Џозеф Дол (претседател на ЕПП – н.з.) да ја повтори својата позиција бидејќи ‘орбанизацијата’ на ЕПП не само што им штети на демократијата и на Европа, туку и на самата ЕПП“, предупреди преку „Еурактив“ левичарскиот европратеник и близок сојузник на Ципрас.

Од Грција и изрази на поддршка за повиците од одредени европски кругови за исфрлање на партијата на Орбан од ЕПП поради „неевропските ставови и однесување“ на претседателот на Владата на Унгарија.