Отстрелот на амбасадорот Наумовски – пишува Горан Момироски

Loading...

Еден месец по отстрелот на 57 диви свињи во резерватот Јасен во македонската јавност повторно се случува отстрел. Овој пат на “политички дивеч”, на македонски амбасадор во САД, акредитиран од страна на претседателот на САД Обама и од американскиот Стејт Департмент во времето кога на власт беше опозицијата.

На Наумовски му беше судено и беше “стрелан” по кратка постапка. Како во најдобрите времиња на ОЗНА тој беше обвинет од страна на вицепремиерката Шеќеринска дека не се појавил на средби во Вашингтон и “стрелачкиот одред” во најкраток рок ја изврши наредбата за стрелање.

Одредот кој ја извршува наредбата за стрелање (90 насто од медиумите, плус “колумни специјалис” на Сашо Ордановски и Билјана Секуловска, Катерина Блажевска) освен повлекување на орозот од пушките и силниот звук не понуди аргументи за убиството, не побара судска наредба за стрелбата ниту пак даде објаснување каков злостор извршил амбасадорот.

Никој жив не разбра што направил Наумовски, како го извршил велепредавството и сериозни антидржавни мерки за кое го обвинува Ордановски, со кои непријатели се среќавал на сметка на средбите со министерката, како што го обвинува Секуловска, и зошто Наумовски е обвинет за настанот што е повеќе од скандал, како што заклучува Блажевска.

Не слушнавме ниту реакција од МНР од каде што на Наумовски му пристигнуваат инструкциите за работа, затоа што амбасадорите доминантно ја водат политиката на министерот за надворешни работи а не на шефот на државата како што некои се обидуваат да манипулираат со јавноста. Или исклучувањето на МНР од случајот Шеќеринска – Наумовски е всушност суштината на скандалот.

Да не заборавиме предходно на релација Одбрана – МНР имаше уште еден скандал кој сеуште не е расчистен а се однесува на наш дипломатски претставник во Вашингтон, воено аташе, кој работи на истата адреса каде што сега се срамиме пред светот и стратешкиот пријател.

Да беше доблесен барем малку стрелачкиот одред кој има одлични релации со дипломатите ќе разбереше дека скандалот не пукна затоа што Наумовски не дошол на средбите во Вашингтон туку затоа што домаќините прашале зошто го нема во македонската делегација.

Лично не го познавам добро амбасадорот Наумовски но не можам да поверувам дека тој би одбил инструкција за придружување на вицепремиер. Сепак се работи за човек кој знае дека со такво поведение директно ќе ги навреди САД и со тоа ќе си ја запечати секоја своја идна кариера. Во секој случај доколку го сторил тоа за што е обвинет, амбасадорот навистина треба да биде вратен и казнет за недисциплина и непочитување на дипломатскиот протокол, законите и правилата на МНР и државата Македонија.

Но пред да се случи тоа министерствата за одбрана, МНР, владата, претседателот и другите надлежни служби треба да ни покажат дека не се работи за покривање на интравладини конфликти, партиски реваншизам, отварање амбасадорска позиција за некој заслужен, дефокусирање на јавноста за скандалот со Турција која не нарече ФИРОМ или за лична нетрпеливост.

Се додека одбрана и МНР не ја објават документацијата од која јасно се гледа дека Наумовски заслужил да биде “стрелан”, јавноста ќе биде сведок на ефтина фарса. Само еден обичен имеил испратен до Наумовски од МНР и Одбрана во кој тој се повикува да биде дел од средбите во Вашингтон ќе ја расчисти ситуацијата и Наумовски може да биде “черечен” со право.

Како што недостаток на комуникација во која се гледа дека тој бил поканет да седи до вицепремиерката ќе покаже дека нешто е гнило во највисоките врвови на власта.

Во одсуство на здрава опозиција за три дена беше извршена пресуда со каква што на времето беше осуден Ченто. Со таа разлика што тогаш Ченто барем формално имал право да се брани пред прекиот суд.

Стрелачкиот одред сега е свесен дека Наумовски не може да се брани затоа што тој без дозвола на министерот Димитров не смее да зборува јавно за собитијата во министерството и владата. Особено затоа што на една од средбите за името даде изјава со која одби понижување на Македонија и со тоа создаде атмосфера за негов прогон. Затоа всушност Наумовски е избран за пред “стрелачки одред”. Го судите без процес а тој нема право да каже што точно се случило. Нема подобра ситуација за политичарите и извршителите кога сакат да гонат некого.

Ако случајот Наумовски е одмазда за тоа што го правело ВМРО – ДПМНЕ треба да се каже веднаш за да не се надеваме попусто дека работите се променети. И да ни се каже до кога ќе важи принципот “И ВМРО така правеше”. Според професорот Милчин времето во кое власта можеше да се вади на вмровското зло помина, но тоа со дела треба да го потврдат тие што сега ја имаат сета моќ во нивни раце. Токму преку примери како овој со Наумовски.

За потсетување најмалку тројца амбасадори поставени од СДСМ до 2006 година по промената на власта (Ханџиски, Стефков и Филипов) и по завршувањето на своите мандати беа испратени на други важни позиции.

И уште едно потсетување. Вашингтон е местото каде се случи првиот ваков скандал во кој беше инволвиран амбасадор кој беше член на СДСМ а беше вратен од ВМРО- ДПМНЕ.

Еден од најпочитуваните македонски политичари, покојниот Љупчо Јордановски во 2006 година беше вратен во земјава откако јавно се препукуваше со тогашниот амбасадор во Лондон Ѓорѓи Спасов за тоа кој е виновен за поразот на СДСМ на парламентарните избори.

2 Коментари

  1. Така е овој тип на Сталинистички пресметки гледавме во тоталитарни режими, а сега и кај нас!

  2. Ханџиски, Стефков, Филипов и Ѓорѓи Спасов се катастрофа. Васе прифати стратегијата на Игор Јанев и затоа ќе биде сменет.

Comments are closed.