Loading...

Игор Дурловски вечерва доживеа триумф на сцената на Македонска опера и балет (МОБ), кога по брилијантната изведба на Тимур од операта „Турандот“ излезе да ѝ се поклони на публиката, а таа му возврати со овации и со долготрајно скандирање на неговото име.

„Игор, Игор“ ечеше во МОБ додека светски познатиот бас од Македонија им отпоздравуваше на љубителите на оперската уметност што дојдоа да го проследат неговото големо враќање на сцената во рамките на 46. Мајски оперски вечери.

Ова беше прв настап на Дурловски по сите премрежиња со повеќемесечниот затворски, а потоа и домашен притвор како еден од осомничените за настаните од 27 април минатата година во Собрание.

Еден од лидерите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, заедно со режисерот Борис Дамовски и со Богдан Илиевски-Бетмен, од 28 ноември 2017 година до 26 јануари годинава беше во истражниот затвор во Шутка, а потоа до 26 март во куќен притвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“.

Поранешниот директор на МОБ и експрофесор на Факултет за музичка уметност во Скопје, кој со сопругата Ана Дурловски, сопран од светски глас, по десет години во Германија пред три години се вратија да живеат во татковината, во култното дело на Џакомо Пучини покажа дека отсуството од сцената не оставило никаква трага врз неговиот глас.

Флуидот со македонската оперска публика, пак, што се чувствуваше во текот на претставата вечерва, кулминира во овации на отворена сцена по нејзиното завршување.

(На фотографијата од МОБ е Дурловски на премиерата на „Турандот“ во март 2016 година)