ПАОК на тапет пред УЕФА, но не за транспарентот за Македонија

Унија на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) покрена дисциплинска постапка за грчки ПАОК за натпреварот од квалификациите за Лига на шампиони против Спартак Москва, одигран на 8 август во Солун, но не поради транспарентот за Македонија.

Навивачите на ПАОК тогаш поставија огромен транспарент преку централната трибина на стадионот „Тумба“ со порака на англиски јазик дека „Македонија е една и единствена и таа е тука“, која бодеше очи и во ТВ-преносот од средбата, а за ова известија многу спортски медиуми од разни страни на светот.

Наместо за мешање на политиката во спортот, односно за изразување пораки со политичка содржина, што е најстрого забрането според правилниците на УЕФА, ФИФА и на сите национални федерации што се нивни членки, европската куќа на фудбалот го гони ПАОК за користење ласер и за седење на скалите на трибините.

Случајот ќе биде разгледуван од Комисијата на УЕФА за контрола, етика и дисциплина на 23 август.

На фановите на двократниот првак на Грција и актуелен освојувач на Купот и вицешампион ова не им е првпат да го истакнуваат истиот транспарент за Македонија, кој го извадија и во претходното квалификациско коло за ЛШ против Базел, како и лани против Шалке.

 

SHARE