Папата Франциск го воздигна Апостолскиот егзархат во Македонија во епархија

Досегашниот Апостолски егзархат во Македонија, воспоставен во 2001 година од папата Јован Павле Втори, со одлука на сегашниот папа Франциск од денеска е воздигнат во епархија под наслов „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје“ за католиците од византиски обред во земјава.

Досегашниот скопски бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов е именуван за прв епарх на новооснованата епархија. Тој и понатаму ќе биде скопски бискуп за католиците од римски обред во Македонија, а во исто време и епарх за католиците од византиски обред.

Ваквата одлука на папата Франциск денеска напладне ја соопшти апостолскиот нунциј во Македонија, Анселмо Гвидо Пекорари, во присуство на монсињор Стојанов и на свештенството во Бискупската резиденција во Скопје. Веста истовремено е објавена и во Ватикан.

Еден процент од населението во Македонија се католици или околу 20.000, од кои 15.000 на византискиот обред и 5.000 на латинскиот.

 

SHARE