Триесетина организации, здруженија и партии кои се противат на референдумот бараат пари за кампањата „Македонија бојкотира“.

Дел од 28-те здруженија и партии кои се против референдумот, покрај партијата на Солза Грчева, се и партијата на Јанко Бачев, на Љупчо Палевски и други.

Тие сметаат дека треба да добијат половина од средствата кои министерствата, по барање од владата, треба да ги пренаменат за референдумска кампања.

Од „Илинденска“ засега нема никаков одговор на барањето од Кризниот штаб за бојкот.

Истовремено, не се открива ни официјалниот износ на средства со која ќе се води референдумската кампања.

Предлагач на референдумот што треба да се одржи на 30 септември и на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за или против Договорот со Грција потпишан на 17 јуни во Преспа, е Собранието, а средствата ги собира владата која најави „позитивна кампања со цел да ги убеди граѓаните од неопходноста да излезат и да гласаат „за“.

Од влада најавија дека во среда ќе се знае колку средства ќе издвојат министерствата, а засега се изјасни само Министерството за одбрана кое ќе издвои речиси 1 милион евра за регерендумската кампања.

Не е јасно како средствата определени од буџетот наменети за функционирање на министерствата ќе се пренаменат, односно дали владата или Собранието можат да користат средства на даночните обврзници за насјавената кампања и покрај тоа што многумина граѓани не се согласуваат со одржувањето на референдумот, со преспанскиот договор, со референдумското прашање…