Патник за Македонија фатен со 16.000 евра на аеродромот во Хановер

Готовина од повеќе од 16.000 евра носел 69-годишен маж што патувал за Македонија, утврдиле германските цариници при проверката на аеродромот во Хановер.

Брачна двојка, пак, што сакала да патува за Турција носела речиси три пати поголема сума во кеш, при што царинските службеници на аеродромот во чантата на жената нашле 15.000 евра, а во џебот од панталоните на мажот дури 27.000 евра.

Бидејќи ниту еден од тројцата не пријавиле дека носат толку многу пари со себе, веднаш била отворена истрага и ги очекуваат големи казни поради прекршување на законските одредби што налагаат задолжително пријавување на готовина поголема од 10.000 евра. Глобата за тоа може да достигне еден милион евра!