„Сите знаат дека ако се оди на поделба на Косово, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, чија бројка во Македонија е значајна и, ако северот на Косово во такви некакви планови се припои кон Србија, јас не можам да видам како албанскиот фактор во Македонија не би го поставил повторно прашањето на границите на Македонија“ вели националниот координатор за НАТО,Стево Пендаровски во денешнотоинтервју за МКД.мк.

Пендаровски смета дека ако во завршницата на преговорите меѓу Белград и Приштина ќе биде лошо ако ние не успееме да го протуркаме договорот со Грција со референдум и со уставни промени и ако не влеземе во НАТО.

„“Сите што бевме запознаени со преговорите за Охридскиот рамковен договор знаеме дека првото барање на тогашните албански преговарачи беше да се најдат територијални решенија за етничките прашања.

Значи да има граници, да се разграничиме, за почеток со висок степен на автономија. Тоа барање беше веднаш одбиено од американската делегација предводена од Џејмс Пердју, кој рече дека нема да се оди со територијални решенија за етничките предизвици, туку со значајна или длабока децентрализација. И затоа се отиде на ваква децентрализација.

Тоа беше компензацијата за тоа барање и да не заборавиме, во првите неколку соопштенија на тогашната ОНА беше јасно кажано дека идејата е да се истера „славомакедонскиот окупатор“ од албанските земји.

Добро е граѓаните да знаат и дека во 2006 година тогашната Контакт-група за Косово донесе декларација од 10 точки во кои прво заговараше независност на Косово, а точката 6, иако не нѐ споменува, зборува за нас и вели дека „утре на независно Косово нема да му биде дозволено да се спојува со други држави во регионот и со делови од други држави во регионот“, и се знае на кого се мислеше. Со Албанија и со делови од Црна Гора и Македонија. Така што духовите на национализмот и екстремизмот во регионот при такво решение за Косово (поделба) евентуално би биле разбудени. Македонија, за жал, секогаш била слабата алка во тој, ние го нарекуваме, безбедносен триаголник меѓу Србија, Косово и Македонија“.

Целото интервју на Стево Пендаровски за МКД.мк, ТУКА