Вардаровиот „бомбардер“ Андреа Пенезиќ ја спушта топката по избореното ново финале во женслата ракометна Лига на шампионите со триумфот над Ростов-Дон од 25:19, нагласувајќи дека главната работа им претстои утре против бранителот на титулата Ѓер.

„Уште ништо не сме направиле. Утре нè очекува главната работа. Ѓер долго е на собир, одлична екипа, ќе има поддршка и од своите навивачи. Но, и нашите се слушаа од трибините денеска и многу ќе ни значи и утре да бидат бучни, бидејќи нивната поддршка ни е многу важна“, изјави левиот бек на македонските првенки, која со соиграчот Андреа Лекиќ беа најефикасни на средбата со по седум гола.

„Многу тежок натпревар. Добро отворивме и практично цел меч имавме водство од 2-3 гола разлика, но тие се многу брзи и се вратија во игра. Сепак, добро одработивме, ги запревме нивните полуконтри и контри“, го прокоментира Хрватката мечот со Русинките.