Пензинскиот фонд неодржлив, потребни итни реформи

Расходите за пензии до 2012 година ќе се зголемат на преку една милијарда евра, а бројката на пензионери од сегашните 315.112 пензионери, ќе порасне на 335.835. Тоа ќе го зголемува минусот на сметката на Фондот, која ќе мора се’ повеќе да се алиментира од Централниот буџет, се вели во анализата во новиот Стратешки план на ПИОМ 2019-2021.

“Според некои симулации, дури и кога не би постоела невработеност во Македонија, фондот повторно би имал недостиг од изворно финансирање. Затоа е неопходна темелна широкопојасна реформа, во смисла на оптимален микс од корекции кај стапките на придонеси, заменските стапки, границата на пензионирање и условите за пензионирање кај бенефицираниот стаж. Овие корекции не треба да се прават веднаш и нагло, туку да се испланираат сега и да се спроведат во некој доволно долг период од 10-тина години, за да нивниот товар не биде значајно почувствуван од засегнатите страни“, ја коментира анализата професорот по економија, Марјан Петрески.

Дефицитот во фондовската каса е во континуиран раст, а во период од десет години, буџетските трансфери со кои се обезбедува ликвидност се зголемени за 1,8 пати. Државниот фонд влезе во зона на финансиска нестабилност најпрво по реформата во 2006 година, кога се случи премин од едностолбен во тростолбен пензиски систем, а потоа и со намалување на стапката на придонеси од 21,2% на 19% во 2009 и понатаму на 18% во 2010 година,

„Важно е да се напомене дека сегашните пензионери се безбедни. Пензии имаме, исплатата на пензии е редовна. Но, остануваме на истиот став – возрасната граница за пензионирање нема да се поместува“, децидна е Министерката за труд и социјала, Мила Царовска, која додава дека сите други адаптации што ќе се прават нема да бидат на штета на никого, туку сите заедно да инвестираме во еден подобар систем

Светска Банка и Меѓународниот монетарен фонд веќе неколку години по ред предупредуват дека македонскиот пензиски фонд е неодржлив на долг рок. Во Македонија соодносот вработен – пензионер изнесува 2 према 1, односно на секои двајца вработени има еден пензионер, што не е во согласност со европските стандарди и се смета за неодржлив тренд.

SHARE