Пет прашања за договорот за името што ги мачат научниците?

Повикувам и молам некое компетентно и информирано лице да ми ги разјасни следниве дилеми кои произлегуваат од договорот (ве молам без партиска позадина, ова е научно прашање):

1. Дали при секое обраќање до сопствената држава и во меѓународна комуникација при употреба на терминот Македонец/ка (Macedonian) ќе мора да се додава цртичката и објаснувањето „граѓанин на РСМ“?

2. Дали при научните истражувања кои се поврзани со фолклор, историја, лингвистика, археологија и тн., при употреба на Македонец/ка, Македонски, а во контекст на научен труд, ќе мора да се додава истото дообјаснување?!

3. Дали при научните истражувања поврзани со граѓаните на Грција, Бугарија и Албанија, а со Македонски идентитет и/или потекло (вклучително и тие што живеат во Република Македонија и дијаспората), ќе бидеме казнувани како научници или ќе ни биде забрането да споменуваме било каква врска (фолклор, митологија, историја, научно потврдени историски документи, археологија, лингвистика…. ) на некогашните или сегашни граѓани на Грција со Македонски идентитет, или Македонски топоними, или било што што се носи со терминот Македонски?!

4. Дали во нашата држава сите културни и/или идентитетски институции ќе мора да го носат називот „северномакедонски“ или „на северна Македонија“, односно дали во нашата заедничка држава ќе може да има Турски, Албански, Ромски…. институции и/или организации кои ќе го промовираат одредениот етнички идентитет преку државниот буџет (ве молам без политички конотации), но нема да има Македонски, односно кои се однесуваат на Македонскиот идентитет?!

5. Детално и јасно да се објаснат какви измени на преамбулата на Уставот предвидува овој договор!? Да прецизирам: дали ќе се избришат сите референци кон столбовите на македонскиот идентитет како што се Крушевското востание и АСНОМ?!

УШТЕ ЕДНАШ ЌЕ ВЕ ЗАМОЛАМ: НЕ ГО КОМЕНТИРАМ ДОГОВОРОТ, САМО БАРАМ КОМПЕТЕНТНО, НАУЧНО ПОТКРЕПЕНО ОБЈАСНУВАЊЕ!!!

Прашањата ги поставува Велика Стојкова
Етномузиколог и истражувач во Институтот за филклор Марко Цепенков

SHARE

Comments are closed.