Европратеничката од Хрватска, Маријана Петир, во расправата во Европски парламент за Извештајот на Европска комисија за Македонија за 2018 година уште еднаш критички се осврна на односот на Европска унија кон својата кандидатка за членство.

Основачката и до март годинава шефица на Група на пријатели на Македонија во Европарламентот рече дека, и покрај тоа што ја сака македонската држава, свесна е и за нејзините слабости, за кои, според неа, во голема мерка е заслужна токму Унијата.

„За повеќето од нив причините треба да се бараат на местото на нивното настанување, но уверена сум дека тие слабости денес не би биле толку силни ако ЕУ беше праведна кон Македонија“, рече Петир, нагласувајќи дека Македонија веќе десет години се наоѓа во чекалницата за отворање преговори, и покрај тоа што ги исполни сите критериуми.

„Македонија, ни виновна ни должна, стана заложник на неразумната политика на ЕУ, која 10 години ја држи страната на една членка, уништувајќи ги така европската перпектива и иднината на Македонија. Жал ми е што овој извештај не дава објективен приказ на состојбата и не нуди самокритичен поглед на пропустите од страна на ЕУ. Сметам дека сè уште не е предоцна за да се поправи грешката и да се отворат преговори со Македонија, а на граѓаните на Македонија да им се изрази поддршка во надминувањето на тешкотиите и во спроведувањето на потребните реформи, со што би се обезбедила и стабилноста во регионот“, рече хрватската застапничка на македонските национални и државни интереси, која Владата на Заев, на предлог на Министерство за надворешни работи, ја смени од шефица на Група на пријатели на Македонија во Европски парламент и на нејзино место го постави Холанѓанецот Ханс ван Бален.