Ненад Новковски, дефинитивно, ја заслужи титулата човек на денот, не само на expres.mk, туку и на Фејсбук, посебно на групата „Спаси го името Македонија“. Неговата реакција на објавата на овој портал на пост од професорката Билјана Ванковска е убедливо најчитаната содржина на денот, а во наведената група уште повеќе се прослави со полемиката со нејзините членови.

Накусо, за неупатените, Ванковска во еден дел од својот коментар за бришењето на твитот од Форин офис, со кој се обвинува Москва за труењето на двојниот шпион Сергеј Скрипал и на неговата ќерка Јулија, вели: „И толку сме среќни да бидеме понизни поданици – чудо едно! И име ќе смениме за таа чест!“. На тоа Новковски ѝ реплицира: „Кутрата! Не знае дека во меѓународните односи немаме име, туку четврт век привремена референца“.

Еxpres.mk тоа го спакува во вест, без да коментира и – настрада од гневот на професорот на Природно-математички факултет во Скопје и министер за образование и наука во Владата на Љупчо Георгиевски од 1998 до 2002 година. „Ничим изазван“, што би рекле Србите, Новковски во препукувањето со членови на групата „Спаси го името Македонија“ во еден момент ќе констатира: „Ама има многу медиуми како овој од објавата што само извртуваат, а не ме канат да објаснам“. Веднаш потоа поентира: „Инаку, погледнете кој е во редакцијата на овој весник: Роберт Димитриевски, Утрински весник од 1999-2006. Значи – Бранковист. Е, па, тие се оние што ме плукаа кога бев во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Вие сте застраниле, не јас“.

Никогаш во мојата 25-годишна новинарска кариера не сум се нашол во ситуација да морам да одговорам на личен напад преку медиумот во кој работам, бидејќи тоа го сметам за пречекорување на тенката црвена линија меѓу приватноста и јавноста, еден вид злоупотреба. Но, секогаш има првпат.

Е, па, видете вака, господине Новковски: ако добро сте го прочитале импресумот на expres.mk, сигурно сте забележале дека Роберт Димитриевски работел во „Утрински весник“ од 1999 до 2016 година, а не до 2006, како што сте напишале Вие. Ај, и да Ви одбијам на превид за годините, иако во мојата професија и за најмала згрешена цифра знаеме да кажеме „една нула – една кула“, а камоли за утка од десет години, ама живо ме интересира како дојдовте до епохалното откритие дека сум бил „бранковист“? За Ваша информација, лесно проверлива, во текот на сите 17 години во „Утрински“ работев во спортската рубрика, последните неколку бев и нејзин уредник, така што, и да сум сакал, не сум можел да бидам дел од тие што Ве плукале (ако Ве плукале) кога сте биле во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Еве, и да ги земеме од Вашиот ракав истресените седум години во „Утрински“ за кои зборувате, а не зборувате дека сум работел и во „Студентски збор“, во „Дневник“ и во Македонска информативна агенција (МИА), што, па, баш „бранковист“ ме направивте? По Вашата исчашена логика фино можевте да ми залепите етикета и од типот „глигоровист“, „костовист“, „бучковист“, па и „шекеринист“. Можевте малку и да прошарате, па со истата плуканка да ми „лепнете“ и дека сум „љупчовист“, „трајковист“ или „груевист“, оти и тие беа фактори во тоа време, иако на спротивната страна од политичкиот спектар.

За Вашево „бранковист“ сè уште „грохотом се смијем“, а за тие што добро ме познаваат можам само да замислам колку ги болат вилиците и стомачните мускули. Веројатно, исто колку и Вас кога би Ве почестил најмалку со истата етикета што ја употребивте за мене, но тоа не би си го дозволил, бидејќи впуштање во таков вид дебата повеќе зборува за тој што се спушта на тоа ниво, отколку за субјектот на напад. Колку сум „бранковист“, впрочем, може да се види од ставовите изнесени во моите колумни објавени токму на оваа вебстраница, кои Вие, очигледно, не сте ги ни виделе, а камоли прочитале. Но, Вам тоа не Ви пречи да лепите етикети, како да станува збор за тегла со корнишони, а не за човек за кој сè што знаете е од трите реда во импресумот.

Вие, гледам, немате проблем со нивоата на јавна комуникација, уште помалку со речникот кога пред публика, макар и на социјална мрежа, се пресметувате со некој што ниту Вие го познавате лично, ниту тој Вас. Оттаму, Вашата констатација дека „вие сте застраниле, не јас“, од која само Господ и Вие знаете дали мислите на мене, на нас (кои нас?) или на кој знае кој, толку прецизно го отсликува Вашиот ментален состав, што немам апсолутно ништо да додадам. Од авион се гледа.

А за нивото на расудување за името на оваа „кутра“ држава, да се послужам со Вашиот вокабулар, покрај реакциите на Фејсбук и на нашиот портал, најдобро говорат токму пораките што ги постиравте во групата „Спаси го името Македонија“. Еве еден дел од нив, во оригинал, без лекторски интервенции, а со придружни забелешки:

„Вие сте најголеми антимакедонци што ме напаѓате“ а „лизгачкиов старт“, богами, и Џенаро Гатузо би Ви позавидел);

„Како не вие срам да плукате луѓето коишто го кренаа името Македонија во меѓународна употреба како самостојна држава? Тоа ли ви е целта – да уништите се што е препознатлив белег во светот на Македонија?!“ („Психомодо поп“ на времето пееја „Ја волим само себе“…);

„Само Турција не има признаено под името Македонија. Сите други го користат името Македонија само во билатерала, согласно времената спогодба“ начи, Турција ја крши спогодбата, а други 136 земји лажат дека ја признаваат државава под тоа име);

„Заради таквите како вас уште не е прифатено конечно името Македонија во меѓународна употреба покрај сите напори на угледните Македонци – тоа име не им припаѓа на мафијаши и нивни поддржувачи“ (Од кога тоа име на држава некому му припаѓа, а некому не?! На неугледните Македонци како мене ни припаѓа ли?);

„Вие претерувате. За срам сте. Ме напаѓате мене а поддржувате мафијаши“. На репликата: „Ванковска не е мафијаш“, Новковски со одговор: „Таа брани мафијаши“. (Се срамат, професоре, многу се срамат. Ги изеде туѓата срамота…).

Тоа е тоа, би рекол Среќко Катанец. Како за универзитетски професор, ем бивш министер, па уште за образование и наука, и повеќе од доволно. Што и да се додаде, само би го расипало впечатокот.

 

3 Коментари

  1. Проф. Н. Новковски седеше во една Влада која имаше на маса и опција за ОТЧЛЕНУВАЊЕ ОД ООН, а со цел да се ослободиме од РЕФЕРЕНЦАТА (која иначе важи само во ОН) и да бидеме “УНИВЕРЗАЛНО ПРИЗНАЕНИ ВО МЕГУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ПОД УСТАВНОТО ИМЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА”. Е, денес знаеме новите ставови на Љубчо по прашањето за името.

    • Љубчо вели отчленување од ООН, без повторно зачленување во ООН! Како Швајцарија! Ова сигурно е идејата на Ристо Никовски. Хахахаха.

Оставете Коментар