Плус сезонци од Македонија за спас на бербата на аспарагус во Австрија

Австриските земјоделци бараат од Владата да ја зголеми квотата на сезонски работници од Македонија и од Украина за да се надмине недостигот од берачи на аспарагус по одливот на кадар во Германија поради повисоките плати.

Квотата за сезонците од овие две земји е исцрпена, па Земјоделската комора на Долна Австрија бара нејзино итно зголемување, како и обучување азиланти за работа во земјоделството.

„Прво, немаме можност да донесеме персонал од Украина и од Македонија, бидејќи квотата е исцрпена, а од друга страна, губиме добри луѓе во градежништвото и во Германија“, се жали претседателот на Комората, Херман Шултес, во „Нидерестерајхише нахрихтен“.

Во моментов недостигаат 350 сезонски работници за бербата на аспарагус во тој регион на Австрија, засаден на 480 хектари, каде што се произведува 60 проценти од оваа земјоделска култура во земјата. Досега тие доаѓале главно од Источна Европа, но по воведувањето минимална плата во Германија тие претпочитаат да работат таму, бидејќи за помош во жетва се плаќа 9,1 евра од час, а во Австрија 6,3.