По стапките на Милошевиќ – Пишува Роберт Димитриевски

Први истрчаа не терен некои си ептен релевантни македонски организации од дијаспората, па минатата недела се истопорија од Сојуз на борците, завчера стигна поддршка од Стопанска комора на Македонија, а во вторник, велат, ќе се истакнела и Македонска академија на науките и уметностите. Сите впрегнати за иста цел – на обичниот и, нели, неук народец, да му објаснат колку е феноменален Преспански договор, па истиот тој плебс масовно да излезе на 30 септември и да го одобри тоа што го договорија Заев и Ципрас, а го потпишаа Димитров и Коѕијас.

Борците, или барем тие што се претставуваа дека ги претставуваат кога беа на „бакни рака“ кај премиерот, не гледаат никаков проблем во преименувањето на државата за која со својот живот платија илјадници нивни соборци во Втората светска војна. Стопанствениците, пак, гледале шанса во отворањето на пазарот на Европска унија (небаре Македонија утре ќе влезе) од 550 милиони луѓе (сегашниот од два милиона им бил мал), иако и сега имаат пазар од неколку стотини милиони луѓе благодарение на десетиците договори за слободна трговија со повеќе земји. А академиците за 11 септември најавија стручна расправа за договорот од Нивици, од која некои тврдат дека заклучокот ќе бил оти со него не се загрозувал националниот идентитет на македонскиот народ, јазик и култура!

Кај и да е, до денот на референдумот ќе изникнат како печурки по дожд уште кој знае колку вакви или онакви здруженија, сојузи, комори и други облици на организирање. Заедно со меѓународните претставници во државава, но и со дојдени баш сега, а кои до вчера во широк лак ја заобиколуваа Македонија, сите сложно ќе го убедуваат електоратот колку визионерски од него би било да тркне до гласачкото место во своето место на живеење последниот ден од месецов и да го аминува поубавото утре за „нашите дечиња“.

Сето ова неодоливо потсетува на времето на распадот на некогашна СФР Југославија, кога десетици работни колективи, активи на граѓани, форуми, синдикати и кој уште не во Србија даваа безрезервна поддршка за политиките на Слободан Милошевиќ. „Слобо, слободо“ му скандираа на вождот каде и да се појави, со таа разлика што меѓународниот фактор беше против него, за разлика од Заев сега. Но, тоа не му пречеше на неприкосновениот лидер на северниот сосед во тоа време да јава на бранот на популизмот, па дури и да распише референдум во 1998 година, со прашањето „Дали прифаќате учество на странски претставници во решавањето на проблемот на Косово и Метохија?“. Според објавените резултати, од 73,05 проценти излезени гласачи од избирачкиот список, дури 94,73 отсто гласале како што тој и неговата Социјалистичка партија на Србија им сугерираа – против.

Заев сигурно со две раце би потпишал за сличен епилог на плебисцитот во Македонија, но со гласање „за“, со што би ја префрлил од своите плеќи на народот историската одговорност за преименувањето на државата и за целиот пакет уставни промени со несогледливи последици. Но, ако и тој и тие „однадвор“ што стојат зад него беа сигурни дека неговото прифаќање на безмалку сè што со децении бараа Грците е прифатливо и за мнозинството Македонци, чија (не)излезеност е клучна за успехот на референдумот, немаше земјава одеднаш да им стане приоритетна дестинација за посета на Столтенберг, Меркел, Курц… Германската канцеларка дури го избрала за својата посета Денот на независноста 8 септември како симболика, веројатно, за уште поголема (не)зависност на државава од таа што ја изгласаа 96,46 проценти од излезените 75,72 отсто избирачи пред 27 години.

Самата агитација на странци, злоупотребата на деца во кампањата, додворувањето на власта од разно-разни облици на граѓанско или еснафско здружување, ја потврдуваат макијавелистичката максима за целта што ги оправдува средствата. Милошевиќ беше ненадминат во нејзината интерпретација и имплементација, а сега тие што со дрвја и камења фрлаа по него и тогаш и подоцна, одеднаш тргнаа по неговите стапки. И тоа откако до вчера врескаа до небо дека државата била заробена, а слободната мисла и говор задушени од „режимот“. И притоа око не им трепнува кога плукаат по интелектуални авторитети што се осмелиле аргументирано да им противречат, кога судат и затвораат или кога зголемуваат плати токму пред референдумот.

На македонскиот гласач, а пред сè на македонскиот народ, бидејќи првенствено за неговиот идентитет станува збор, останува дали ќе направи невидена жртва за да им го реши повеќедеценискиот проблем на белосветските душегрижници и божемни извозници на демократија. И да им направи услуга на греачот на фотелјата на Црвенковски во СДСМ додека беше претседател на државата и на неговата блиска соработничка, кои толку еволуираа во ставовите што лефтерно се откажаа од подзаборавената изјава на Бранкота дека „би сакал да го видам тој маж што ќе излезе пред народот и ќе му каже дека му го сменил името на државата“.

До 30 септември има доволно време за размислување. Потоа ќе биде доцна за евентуално премислување. И никој нема да им биде виновен на тие што ќе решат да гласаат, макар и против, ако не им се допадне тоа што ќе следува со спроведувањето на договорот од точка до запирка. И тоа со грчки надзор.

 

4 Коментари

    • “еден”, болен си до даска ментално-психијатријски, земи си силни психијатријски апчиња за будалетинки како тебе и Шекеринска и оди си право во лудница Бардовци со твојот лудиот шеф велепредавникот Заеб!

  1. “еден”, болен си до даска ментално-психијатријски, земи си силни психијатријски апчиња за будалетинки како тебе и Шекеринска и оди си право во лудница Бардовци со твојот лудиот шеф велепредавникот Заеб! Наскоро ќе ви се придружи и лудакот Димитров, а многу веројатно и будалетинка Шекеринска.

Оставете Коментар