По теркот на Заев, и Шилегов ќе отворел дебата за гасоводот на Водно

По примерот на премиерот и лидер на неговата партија СДСМ, Зоран Заев, и скопскиот градоначалник Петре Шилегов со отворање дебата ќе го решавал проблемот со гасоводот на Водно, чија изградба е запрена по протестите на местото на изградбата.

Соочен со реакцијата од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, чии активисти застанаа пред багерот со кој се трасира патот за гасоводот, Шилегов одговори на нивниот повик за јавна дебата со покана за средба до сите засегнати страни.

„Град Скопје одлучи во понеделник во 13 часот во просториите на Градот да организира дијалог на загрижените страни. На оваа дебата ги повикуваме да присуствуват претставниците на надлежните државни органи за изградба на гасоводот, како и претставниците на граѓанските здруженија“, изјави градскиот татко.

Од граѓанската иницијатива, пак, порачаа дека нивниот жив штит ќе остане пред градежната механизација на Водно додека таа не се отстрани од планината и не се прогласи мораториум за изградба на трасата „за да разговараме со надлежните за фактите“.

Градската власт инсистира за поставување на цевките на Водно бидејќи, според неа, промената на трасата ќе го одложела проектот за пет години, што ќе повлечело финансиски импликации.

Екологистите, пак, потсетуваат дека Парк-шума Водно е заштитена со закон од 1976 година и е важна како „бели дробови“ на главниот град и како живеалиште на некои ендемски видови дрвја, птици и инсекти.

 

Оставете Коментар