Победничката на Ролан Гарос со потекло од Македонија

Романката Симона Халеп која вчера го освои еден од највредните турнири во тенисот, францускиот Ролан Гарос, има македонски односно влашки корени од Македонија.

Македонскиот амбасадор во Атина Дарко Ангелов сподели текст на романски медиум кој пишува за Халеп, која во Романија ја нарекуваат “најсилната”, и дава објаснување.

“Додека “напредуваме” со внатрешните поделби, а самодовербата како нација ни е на најниско ниво, еве мала инспирација, не помалку туку од денешната победничка на Ролан Гарос, моментално најдобрата светска тенисерка, романката Simona Halep.

Кај нас е скоро непознато дека таа е со македонско потекло, факт кој самата го истакнува и на кој е посебно горда.

Потекнува од почитувано македонско семејство од Констанца, таму доселено пред повеќе генерации од Македонија.

Овој пример е ист со историската приказна која ја осознав додека живеев во Унгарија, каде исто како и во Романија, постои, иако доста помала група на историски Македонци кои се доселиле на тие територии во моментот на експанзијата на Отоманската империја.

Но, како и во романскиот случај, се работи за Македонци кои се со Влашко потекло, но луѓе кои имаат исклучителна поврзаност со нивното потекло од Македонија, па така за нив поимите Македонец и Ароманец (Влав) се истоветни.

Кога се доселиле во Унгарија, таму најчесто се доселувале од охридскиот регион, дури и го рашириле култот кон Свети Наум Охридски, чии фрески се поставени во десетина впечатливи и тоа претежно Католички цркви во повеќе унгарски градови.

Инаку, за тие што ја познаваат Будимпешта подобро, моментално најбоемскиот централен кварт Gozsdu Udvar бил првично изграден како студентско сместување за студенти Македонци кои таму се доселиле од Романија”, пишува амбасадорот Ангелов.

За потеклото на Симона Халеп како Влаинка од Македонија пишуваат и дел од романските медиуми.

SHARE