Бунт на партијата на Србите во владината коалиција

Претседателот на Српската странкa во Македонијa Мирослав Јовановиќ кој пред неколку дена беше едногласно избран за старо-нов претседател со критика за владините политики кон припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Јовановиќ на изборното собрание на партијата вели дека „Во моментов правата на Србите во Македонија се на маргините“ и додава дека уште пред 4 месеци со претседателот на Србија Вучиќ и премиерот Заев договориле да започнат парцијално да ги решаваат проблемите кои ги тиштат Србите во Македонија.

Дел од причините за ваквата реакција на Јовановиќ е што од тогаш до сега премиерот Заев не направил ниту чекор во правец на подобрување на правата на Србите во земјава.

Јовановиќ кој е пратеник во Собранието а по занимање е машински инжинер за време на гласањето за Законот за јазици изјави дека не го поддржал јазикот а подоцна евиденцијата од Собранието покажа дека тој сепак гласал за усвојување на спорниот закон. По ова тој трпи сериозни критики од членството поради што и салата во која се одржувало собранието на партија во Куманово е полупразна, велат извори на expres.mk во партијата.

Друг проблем во односите меѓу коалиционите партнери е односот на владата кон Косово и најавата дека Македонија ќе гласа за влез на Приштина во Унеско на следното гласање а посебно високо прашање кое што треба да се решава се директорските места кои биле ветени а сеуште не ги добила партијата.

Јовановиќ во македонската политика влезе како сосед на министерот за надворешни работи Оливер Спасовски во Куманово и како обид да се направи противтежа на Демократската партија на Србите на Иван Стоиљковиќ кој е дел од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ.

Српската странка требаше да биде замена за Српската Напредна Странка Драгиша Милетиќ кој целосно го загуби авторитетот кај Србите во Македонија по менувањето на страната во случајот со градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски и сега практично нема партија а е советник на премиерот Заев.

Незадоволството во Српската странка од премиерот Заев тлее од ланските локални избори кога во бастионот на Србите во Македонија, општина Старо Нагоричане СДСМ кандидираше свој кандидат Жаклина Јовановска, иако традиционално таму секогаш градоначалник бил припадник на српската заедница.

Добро информирани извори во српската заедница во Македонија велат дека претставници на ССМ во последниве месеци имаат интензивни контакти со претставници на српската амбасада во Скопје и со емисари на српскиот претседател Вучиќ кој во неколку наврати не можеше да го скрие анимозитетот кон македонскиот премиер.

Партиски извори очекуваат дека за сите отворени прашања ќе се разговара во рамки на коалицијата и дека ќе се најдат решенија за проблемите но дека ССМ нема да биде на маргините додека сите други коалициони партнери вклучително и Амди Бајрам, Павле Трајанов, Лиле Поповска добиваат високи позиции во владата.

Видео и изјава на Јовановиќ на собранието на Српската странка во РМ

Оставете Коментар