Поднесена кривична пријава против Заев, требало да се гони по службена должност

Премиерот Зоран Заев го подрива уставниот поредок и ја става државата во подредена положба во однос на друга земја со прифаќањето на промена на името ерга омнес и измени во уставот, стои во кривичната пријава против него.

Политичката партија Левица во кривичната пријава до обвинителството предлага распит на премиерот за да се провери како се случило една неофицијална изјава на Заев за промена на името на Македонија да стане официјален став на цела држава.

Веднаш по поднесувањето на кривичната пријава членот на раководството на Левица Димитар Апасиев рече дека доказен материјал и тоа како постои, а тоа се пред се материјалите од изјавите на Заев и демантот на грчкиот премиер Ципрас.

Како што нагласи, партијата само поднесува кривична а за ова дело премиерот се гони по службена должност.

– Со јавното ветување на Заев пред грчкиот премиер Ципрас, за прифаќање промена на уставното име за севкупна употреба – „ ерга омнес“ и ветувањето дека тој ќе се заложи да се промени името на државата за внатрешна и надворешна употреба, Заев го загрози уставниот поредок на Македонија – рече Апасиев.

Апасиев предупреди дека во случај кривичната пријава да биде повлечена Левица ќе се жали, но дека докази за вина има и тие се неспорни.
Постои можност да ја прошират пријавата и против други лица, пред се против шефот на дипломатијата Никола Димитиров, кој според нив, јавно признал дека тој стои зад ваквиот предлог од македонска страна.

Рече дека на дело се покажал аматеризмот на македонската дипломатија која со години каска зад грчката и која дозволи грчките дипломати да и подметнат кукавичко јајце. Левица смета дека е неопходно итно прекинување на преговорите со Грција и започнување на процедура за продолжување на членството во Обединетите Нации под уставното име Република Македонија.

Премиерот Заев по лидерската средба во саботата откри дека прифатил промена на името на земјата во Република Илинденска Македонија за севкупна употреба и амандмански измени на уставот. Неполн час подоцна Ципрас од Атина соопшти дека Илинденска Македонија е неприфатлив предлог за Грција но дека е среќен оти македонската страна конечно се согласила на уставни измени и на принципот на ерга омнес.