Поетите што попусто умираа со името на својот народ

Поетесата Наташа Сарџовска испровоцирана од договорот според кој Македонија во иднина треба да се вика Република Северна Македонија објавува малку познат став на македонскиот револуционер Антон Попов.

Попов бил дел од македонското антифашистичко движење а бил стрелан во Софија од страна на бугарските фашистички власти.

“Умирам за еден нов свет, којшто ќе огрее со толку силна светлина, така што за него мојата жртва не е ништо. Утешете се со тоа дека за него умираа милиони – во илјада битки на барикадите и на народниот фронт. Утешете се со тоа дека умирам за правдата. Умирам горд со името на татка си. Умирам со името на својот народ, за чиешто добро работев до последниот миг, за чијашто добра иднина умирам”.

Антон Попов

23 јули 1942
Гарнизонско стрелиште, Софија
Убиен за македонското прашање

Цели 76 години подоцна излегува дека Антон Попов и неговите другари попусто загинале.

Еве што пишува Попов неколку години пред смртта за македонското име:

„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа.

До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат.

Историјата на човештвото е полна со неправди……Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име,- да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја?…

Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања-плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа?

Заедно со Никола Јонков Вапцаров, Антон Попов бил дел од Македонскиот литературен кружок во Софија. Заедно се убиени во 1942 година.