Благоја Мирчевски, политолог и член на Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб, за хрватскиот портал „Дневно.хр“ објаснува што ќе значи во пракса за Македонија и за Македонците спроведувањето на договорот Заев-Ципрас.

„Според договорот, испаѓа дека единствената ‘вистинска’ Македонија е во Грција и оти денешната Република Македонија нема право да се вика така. Долгорочно, тоа може да биде погубно за македонскиот идентитет. Прво е лансиран спинот околу Илинденска Македонија, кој го одбија и двете страни, а потоа токму во вторник на 12 јуние објавена вестса за постигнатиот договор со кој Република Македонија си го менува името во Република Северна Македонија. Секако, тој ден не е одбран случајно бидејќи токму тој ден во Сингапур се сретнаа Ким Јонг-ун и Трамп“, вели Мирчевски.

„Иако Грција го присвојува терминот, не може да го игнорира фактот дека од него произлегува цела една историско-културолошка рамка врз која Македонците го изградија својот идентитет, а сега тоа наследство политички и ревизионистички им се одзема. Објективно, Грците не можат да имаат ексклузивно право да бидат носители на името Македонија и притоа да го третираат како некаков бренд и истовремено на народото на Македонија да му го одземаат правото да егзистира и да има историско и културолошко наследство“, додава тој.

Нагласувајќи дека ни Грците не се директни потомци на античките Грци, од кои ги делат повеќе од 2.000 години крвави војни, емиграции и мешања на народите од исток и од запад, Мирчевски посочува дека агресивноста на грчката политика во однос на Македонија има потекло во мегали идејата, своевидна идеја за Голема Грција.

„Мегали идејата Грците денес ја ‘вежбаат’ на најслабата држава во опкружувањето, а тоа е Македонија. Цели 27 години, со помош на силната дипломатија успеаја да ја блокираат Македонија и да ѝ го одземат правото на идентитет. Законот на посилниот отсекогаш владеел на Балканот, а колку – можеме да видиме од примерот на грчкиот однос спрема Македонија. Тој се користи и во меѓународните односи“, вели политичкиот аналитичар, според кој договорот со Грција не гарантира дека таа нема и понатаму да ја попречува Македонија на евроатлантскиот пат.

„Во договорот воопшто не се гарантира дека Грција нема да ја блокира Македонија во одредени поглавја од претпристапните преговори. Познавајќи ги досегашните нивни односи, реално е да се очекуваат дополнителни грчки барања. Сигурно ќе има проблеми и со заштитата на географското потекло на некои македонски производи и сорти вина“, објаснува тој и додава: „Клучниот проблем не е географската одредница на името на државата, туку импликациите што следуваат од точките на договорот. Имено, според договорот се налага основање двојна интердисциплинарна комисија што ќе ги ревидира учебниците по историја и помошните наставни материјали, како што се историските карти. Тоа би можело да доведе до историски ревизионизам во согласност со грчкиот поглед на историјата. Исто така, според договорот, придавката ‘македонски’ во Грција нема да има исто значење како во Македонија, што ќе влијае на историскиот идентитет на македонскиот народ“, додава Мирчевски, осврнувајќи се и на историјатот на проблемот.

„Генезата на грчко-македонскиот проблем досегнува до Балканските војни од почетокот на 20. век, кога Македонија е поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција. Во грчкиот дел е извршено етничко чистење врз негрчкото население, посебно македонското, кое беше најбројно во длабоичината на освоеното подрачје. Егзодусот е продолжен по грчката граѓанска војна, кога многу Македонци се протерани, а нивниот имот експроприран. Затоа Грција постојано истакнува стравување од македонски иредентизам, кој е нереален“, категоричен е политологот Македонец пред да заклучи.

„Имплементацијата на овој договор би можела на Македонија да ѝ донесе внатрешни општествени и политички превирања, па сметам дека Македонија можеше да помине подобро, бидејќи со овој договор ги прифати грчките максималистички барања. Генерално, Македонија плати преголема цена за влез во НАТО, а притоа не доби никаква гаранција дека Грција нема и понатаму да ја блокира во претпристапните преговори за членство во Европска унија“, смета Мирчевски.

 

SHARE