Помагајте или оставете нè на раат да се исколеме – пишува Горан Момироски

Loading...

– На Западен Балкан веќе има тензии и јас не сакам таму да се случат воени судири, не сакам да се засилуваат мрачните тонови, но ситуацијата може брзо да се влоши – Ангела Меркел, ноември 2015 година во одговор на прашањето зошто не ја затвора границата кон Австрија

– Одамна се зборува за „замор“, но, знаете, станува збор за мир на Западен Балкан. Европската унија е мировен проект и доколку земјите од поранешна Југославија не станат дел од европското семејство, на еден или друг начин, некои како членки, а други преку придружни договори, тогаш граѓанска војна може повторно да избие во тие земји – Херман Ван Ромпуј екс претседател на ЕУ, вчера во врска со потребата од интеграција на регионот.

–  Ако не им дадеме на државите од Западен Балкан нова надеж за членство во ЕУ, ризикуваме да ги обновиме војните од 90-тите години – Жан Клод Јункер шеф на Европската комисија за влезот на Западниот Балкан во унијата.

Меркел, Ромпуј и Јункер се меѓу најважните фигури во Европската Унија во последниве две децении. Луѓе кои имаат доволно информации поради кои даваат вакви контроверзни изјави. Изјави кои за нив се само дел од проблемите со кои се соочува континентот а за нас кои живееме овде се причина за анксиозност, страв, несоница, емиграција, радикализација, антиевропски сентимент, криминал и низа други поведенија за кои сите тројца народски кажано најверојатно “многу многу не се секираат”.

Со години европските лидери зборуваат за нова војна на Балканот, постојано предупредувајќи дека ако нема интеграција во ЕУ ќе има колежи и палежи во регионот. И со години не прават ништо конкретно, силно и незапирливо и Западниот Балкан да го вклучат во мировниот проект што започна по втората светска војна.

Вклучувањето на регионот во Берлинскиот процес, во Пактот за стабилност или во други квазиевропски проекти не е дел од мировниот проект на Европа кој го започнаа Жан Моне и Роберт Шуман на гарежите од втората светска војна. Таму може да се работи за искрен обид на Брисел да му се помогне на регионот но не е конкретен дел од мировниот проект.

Реално Западниот Балкан пред се поради своето инфантилно поведение никогаш не беше дел од проектот за долгорочен мир во Европа. Влезот на Словенија и Хрватска можеби беше дел од Германско – австрискиот мировен процес и геостратешки пристап во решавање на проблемите на континентот но регионот никогаш не бил високо на мировната агенда на ЕУ. Како што влезот на Романија и Бугарија беше повеќе Француско – Британско – Американска операција како одговор на руското влијание во овој дел кд светот.

Како поинаку да се објасни фактот што европските лидери постојано говорат за војна во Западниот Балкан и продолжуваат со своите “ни риба ни девојка” стратегии.

Во сите земји во Западен Балкан во моментов освен во Република Српска на власт се елити кои беусловно ќе спроведат се што би било побарано од нив за брза интеграција во ЕУ.

Интегрираната Европа веќе функционира на две нивоа, во две брзини, и постои можност ако Меркел, Јункер и Макрон навистина се залагаат за мир на континентот да воведат нови механизми, нови брзини со кои регионот би се интегрирал брзо и би се елиминирала опасноста од војна во екс Југославија.

Пари за тоа име. Дваесетте милиони луѓе во земјите кандидати се ефтини за интеграција. Не чинат повеќе од една десетина од парите што на пример, ЕУ како дел од меѓународните кредитори ги даде на Грција.

Освен за мирот евролидерите, ако се сериозни дека не очекува војна, треба да се грижат и за последиците по Европа ако таа навистина се случи.

Парите што ЕУ би ги дала за експресна интеграција на Западен Балкан се само мал дел од еврата што Брисел и националните влади на членките ќе ги потрошат ако во регионот падне крв меѓу Србија и Косово, меѓу Сараево и Бања Лука, меѓу Скопје и Приштина, меѓу Подгорица и Приштина иткн и ткн.

Парите и енергијата што ЕУ ќе мора да ги потроши во црно сценарио се сто пати поголеми. Сите се свесни дека најмалку 2 милиони луѓе во моментов поради економски причини чекаат можност да заминат од регионот во ЕУ.

Во случај на војна тие ќе станат 5 милиони а никој нема да може да ги запре на нивниот пат затоа што речиси сите земји членки на ЕУ се согласиле со Конвенцијата за бегалци на Он од 1951 година.

Овде не се пресметани трошоците и ризиците кои ќе ги донесат уништените балкански администрации и граници преку кои ќе минат милиони други мигранти од Блискиот Исток и Африка.

П.С.

Овој обид за анализа на заканите на Меркел и ЕУ лидерите може да е наивен. Ако авторот погрешно проценил дека на ЕУ лидерите им е важен мирот на целиот континент а не се заинтересирани само за обновување на работната сила во ЕУ која не беше доволно освежена со бегалската криза пред две години.