Понудил ли Спасовски оставка до Заев за “случајот Груевски”?

Нови контрадикторни ставови на премиерот Заев, овој пат за одговорноста во случајот бегството на Груевски, открива интервју за Дојче Веле.

Запрашан за политичката одговорност на највисоките државни функционери која беше побарана од повеќе невладини организации, медиуми и јавноста за бегството на Груевски, Заев вели дека на оваа тема разговарал со министерот Спасовски кој направил чекор во врска со одговорноста но не открива прецизно дали Спасовски, понудил, дал или изразил подготвеност да даде оставка.

Од неговиот одговор може да се заклучи дека Спасовски прифатил одговорност и понудил оставка но дека Заев ја одбил. Каков конкретен чекор направил Спасовски премиерот на открива.

“Бидејќи тој го направи тој чекор, разговараше со мене. Како колега во Владата и мој долгогодишен соработник, секогаш сме разговарале што со моралниот чин во вакви околности. Бидејќи, ако има морална одговорност, треба да има аргументација за тоа, да се објасни, да се лоцира каде е моралниот хазард, проблем, пропуст… Јас не гледам таков пропуст. Но, ако се покаже дека имало одговорност – јас ќе барам таа да биде конкретно понесена”, вели премиерот во разговор за Дојче Веле.

И додека на едно од прашањата вели дека со Спасовски разговарале за морална одговорност но дека тој лично не гледа пропуст на друго прашање во кое Дојче Веле го потсетува дека побрзал да побара одговорност од земјите низ кои помина бегалската рута на Груевски, Заев вели дека од четирите балкански земји низ кои минал Груевски побарал само објаснување но дека одговорноста е на владата.

“Јас побарав објаснување. Знам дека одговорноста, пред сѐ, е наша. Јас не зборувам за границите кои можел да ги помине со лична карта, не зборувам како влегол од Албанија во Црна Гора и во Србија. Прашувам како излегол од Србија. Сакам да знам како наш граѓанин ја поминал српската граница кон Унгарија, без пасош. Сакам да знам, дали кој било од нас ќе го пуштат без пасош со лична карта да влезе во Унгарија, земја членка на ЕУ”.

Од бегството на Груевски поминаа цели дваесет дена но и покрај општиот впечаток на јавноста дека тој е или пуштен од Владата или институциите не ја завршиле својата работа, ниту еден функционер досега јавно не понудил оставка во знак на морална и политичка одговорност.

Целото интервју на Заев за Дојче веле на овој линк

Фото Дојче Веле

SHARE

Оставете Коментар